Министерството за труд и социјална политика и Мировниот корпус имаат одлична неколкугодишна соработка како дел од Програмата за развој на заедниците, потенцираше министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на денешната свечена заклетва на новите седум волонтери од САД коишто ќе работат во Македонија со лица со попреченост. Соработката опфаќа поддршка на ранливи групи на граѓани, лица и деца со попреченост згрижени во државните дневни центри и центрите управувани од страна на граѓанските организации.
„Оваа програма нема да биде целосна, без несебичната помош и поддршка која што доаѓа од волонтерите и нивната посветеност да помогнат за доброто на општеството. Една од темелните вредности кои треба да ги почитуваме и поттикнуваме, особено кај младите луѓе кои се столбот на иднината, е токму волонтерството. Тоа е движечката сила која носи промени, силно верува, промовира и гради едно вистински слободно и правично општество, ослободено од дискриминација, во кое секој има еднакви права и можности“, изјави Царовска.
Волонтерите кои дадоа свечена заклетва, ќе работат во организации, дневни центри и специјални училишта заедно со специјалните едукатори и ќе им даваат поддршка преку споделување на нови вештини и идеи, обуки за нови методологии, директна работа и поддршка за корисниците и нивните родители.
„Преку волонтерството ја градиме довербата меѓу граѓаните и институциите и овозможуваме целосни и квалитетни услуги за граѓаните. Се надеваме дека овие волонтери и другите што ќе ни се приклучуваат во иднина ќе дадат и придонес во еден многу важен процес за нас – процесот на деинституционализација, како и во напорите лицата со попреченост да станат активни граѓани во заедницата и да бидат вклучени во општествените текови. Ние ќе се потрудиме Република Македонија да се покаже во светло на добар домаќин и волонтерите кои ќе престојуваат во нашата држава да се чуствуваат како дома, а тоа е патот за градење на мостови на пријателство помеѓу граѓаните на Македонија и граѓаните на САД“, додаде Царовска.
Соработката меѓу МТСП и Мировниот корпус започна во 2015 година, кога и се формализира со потпишување на Меморандум за соработка. На овоj начин се утврдуваат заедничките напори за поддршка на процесите на социјалото вклучување во Македонија ја зголемуваат потребата од волонтерска поддршка, како и пренесување на меѓународните искуства и добри пракси во работењето. Оттука и излезе потребата за нови волонтери – специјал едукатори – кои ќе помогнат во подобрување на поддршката која се обезбедува за лицата со попреченост во овие центри.
На настанот свои обраќања имаа амбасадорот на САД Џес Бејли, како и министрите за образование и наука и за локална самоуправа, Арбер Адеми и Сухејл Фазлиу.