Непознат сторител со измама од повозрасна брачна двојка одзел 6.000 денари.
Како што соопшти МВР, случајот вчера го пријавила П.В.(76) која изјавила дека истиот ден околу 15:30 часот од страна на непознато лице била измамена при што и биле одземени 6.000 денари.
– Имено, откако непознатото лице дошло во нејзиниот дом на ул. „Франц Лист“, на неа и на нејзиниот сопруг им понудил набавка на огревни дрва по цена од 2.000 денари, по што се договориле сторителот заедно со нејзиниот сопруг да одат на ул.„Благоја Стевковски“ на плац за да ги видат дрвата. По извесно време лицето се вратило само, без нејзиниот сопруг, и и рекло на оштетената дека се договориле нејзиниот сопруг, кој наводно бил на плацот да ги купи и донесе дрвата, а таа на него да му даде 6.000 денари, наведуваат од МВР.
Откако П.В. му ги дала парите, се посочува, лицето си заминало, а по кратко време се вратил и нејзиниот сопруг кој и појаснил дека бил оставен да чека во близина на Кино Маџари и воопшто не бил однесен на плац за дрва, ниту пак биле донесени наведените дрва во нивниот двор.
Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.