Состојбата на болничарката од Инфективната клиника која заболе од конго-кримска хеморагична треска е стабилна.
Доктор Добринка Наунова Јовановска од Инфективната клиника објасни дека параметрите кај болничарката се следат континуирано и ова и е петти ден како била болна.
-Таа е петти ден болна. Самата болест има своја еволуција, првите денови не се лоши, но подоцна може да се влоши состојбата. Затоа добро се следат сите параметри кај пациентката за да може да се интервенира. Сега нема крварења, појасни Наунова Јовановска.
Доктор Јовановска објасни дека можеби болничарката дошла во контакт со заразениот материјал од пациентката која со оваа болест претходно беше хоспитализарана, и која за жал почина.
– Ние како инфектолози сме добро упатени каква заштита да се носи посебно кај вакви болести. Со оглед на тоа дека претходната пациентка имаше ненормално големи количини на секрет и крварења и тоа е голема количина на заразен материјал. Болничкарката била заштитена, но можно е кога ги соблекла ракавиците и маската, да има прснато нешто од заразениот материјал во слузница или очите. Се е можно кога постои толку голема количина на заразен материјал и затоа треба многу да се внимава – образложи Наунова Јовановска.
Директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Рената Младеновска, истакна дека 11 лица контакти на хоспитализираната вработена на Инфективна се ставени под 14 дневен надзор, откако кај неа беше констатирана конго-кримска хеморагична треска.
– По добиена информација од страна на Институтот за јавно здравје, веднаш истиот ден на петти август, екипа на епидемиолози од Центар за јавно здравје – Скопје изврши епидемиолошки увид, земени се анкети и контакти. Информацијата е споделена со ДСЗИ и ние како институција издадовме уште 11 решенија, односно тоа се контакти на веќе хоспитализираната пациентка која што е и вработена на Клиниката за инфективни болести. Тие 11 контакти ќе бидат под 14-дневен здравствен надзор, соопшти Младеновска.