Појавата на присвoјувањето на јавниот простор за изградба на сурогат споменици не се случува само во Турција туку се шири како спирала и во други делови на Европа.
Вака констатира новинарот Фергус О Саливен од Лондон во текстот насловен „Пазете се – Псевдо историското модернизирање налуднилаво се шири низ Европа“ објавен на „The Atlantic cities“, а во кој пишува за враќањето на минатото во Турција, Македонија но и во Германија.
Тој посочува неколку примери на рекомпонирањето на историјата низ новите градби во Скопје.
-Минатата недела демонстрантите во Скопје, главниот град на поранешната југословенска Република Македонија, формираа човечки синџир околу Tрговскиот центар од 1970 година, борејќи се против плановите да се преоблече во неокласичен стил со колонади и куполи и покрив украсен со статуи. Грандиозниото, кич и скапо ремонтирање е само еден дел од големит план за обнова и преградување на центарот на Скопје. Низ центарот, бетонот од комунизмот се заменува со псевдо-класични градби, триумфални арки и монументални столбови кои личат на каша од компјутерски генерирани имагинации во заднината на серијата „Игра на престолите“ или филмот „300“.
Според авторот, феноменот се протега многу подалеку од Балканот. Во 2009 година, Литванија ја заврши Палатата на Големите Војводи во Вилнус, два века откако Русите ја имаа урнато, а во Берлин се гради старата барокна палата оштетена во Втората Светска Војна, а подоцна демолирана од источногерманската влада. Дебатата околу иднината на комплексот покажа поделби, а две третини од Германците се против реконструкција на палатата. Од таа причина се посочува однесување на канцеларката Ангела Меркел која избегнува да го постави камен темелникот, зашто ќе се соочи со избори подоцна оваа година.
Зошто е Европа во моментов толку заинтересирана за историски преоблекувања?
Делумно е одговорно широко распространетото сомнение за современата архитектура, иако има успешни проекти како што се пирамидата во Лувр и куполата на Рајхстагот кои покажуваат дека вешти модерни интервенции на историските локалитети може да добијат јавно одобрување.
Според авторот, со ниската верба во иднината на Европскиот проект, конзервативните влади се навраќаат наназад кон минатото на нивните нации”, дури иако сите овие згради она што го нудат е само голема кутија од продавница со царски остатоци.
Не би било фер, да се идентификуваат Германија, Македонија и Турција премногу тесно, само поради тоа што сите во моментот градат имитации на стари стилови. Но, негативните реакции против овие проекти покажуваат дека не може повеќе историските реконструкции да се гледаат како алтернатива на современиот повторен развој. Глупавите, нападни или енормно скапи градежни проекти созадаваат раздор, покриен или не со мермер, пишува авторот.