Асоцијацијата на дадилките: Не може несоодветни кадри од улица да работат со деца

Од:

Се случува негувателка да има вербален испад во градинка, се случува дете да биде изгризано, бидејќи го полазил инсект во градинка, се случува дете да е изгорено со кафе во градинка, се случува дете само да замине од градинка, се случува дете да остане заклучено во градинка… Се случува и ќе се случува. Сѐ додека не се свестиме и додека не признаеме дека системот за грижа и нега на децата ни е паднат на колена, на дното и дека всушност не постои систем, се вели во реакцијата на Македонска асоцијација на дадилките.

Според оваа асоцијација, ова ќе се случува сѐ додека секое чудо ни е за три дена, ќе го забошотиме, ќе се ставиме под тепих и ќе продолжиме понатаму. Ќе се случува сѐ додека немо набљудуваме и само коментираме на социјалните мрежи, а во себе се тешиме дека е добро што не се работи за нашето дете.

„Ќе се случува сѐ додека слушаме и прифаќаме оправдувања од типот: по дома со едно не можеме да се справиме, а не па тие во градинка со триесет деца. Ќе се случува сѐ додека ни е нормално: па мизерно се платени, што да прават. Ќе се случува сѐ додека: се зачленив во партија за да влезам во градинка. Ќе се случува сѐ додека секој еден дојден од улица со таканаречена лиценца може да работи со деца. Ќе се случува сѐ додека институциите молчат пред непобитната вистина дека уништуваме генерации од најмала возраст, дека несоодветни, неквалификувани, неодговорни лица без трошка совест работат со деца. Ќе се случува сѐ додека вработувањето во градинка ќе се користи како инструмент на краткорочна политика, а не како инструмент за градење и растење нови генерации“, се вели во соопштението до јавноста.

Според Асоцијацијата, место да дискутираме дали, на пример, програмата во градинка е усогласена со современите услови, развојот на општеството, дали децата се подготвуваат соодветно за училиште, ние расправаме дали употребата на непримерни зборови кон детето е прифатлива или не. И дури пронаоѓаме оправдувања за таквото однесување, и тоа во 21 век.

„Лиценцата за негувателка е прашалник од 20 прашања на заокружување, кој секоја личност со просечна интелигенција може да го реши. На лиценцата не ѝ претходат никаква едукација, обука, тренинг. За законот не е битно какво образование има негувателката. Може да е месар, пекар, козметичар, хемичар, оџачар, ама ако има лиценца, може да работи со деца. За секој нормален човек ова е невозможно, меѓутоа во реалноста се случува и тоа законски е легализирано. Платите на негувателките се несоодветни со работата што ја работат. Но, сепак се води борба до истребување кој ќе се вработи во градинка (државна). Ниската плата не може да биде оправдување за дивото однесување кон децата. Секој еден што влегува на работно место е свесен каква плата ќе ја има и какви работни задачи ќе извршува. Ако смета дека не е соодветно платен,
има избор да бара друго работно место. Сѐ додека е на место што со сопствената волја го
прифатил, должен е да ги извршува своите обврски совесно и професионално. Градинките се установи што по некоја логика треба да шират среќа, радост, живот. За жал, некои од нив работат во невозможни услови“, се наведува во соопштението.

Тие го повикуваат Министерството за труд и социјална политика по итна постапка да
го измени Законот за заштита на децата и да ја спречи катастрофата што доаѓа. Да не чека да се случи нешто уште пострашно за да разбереме дека не може секој да работи во градинка, ниту во домот на семејство со дете/деца додека не биде доцна.

„Уште еднаш ги повикуваме здруженијата на негувателки и здруженијата на воспитувачи да застанат во одбрана на своите права и да ја бранат својата професија. Да не молчат поради стравот од тоа дали ќе бидат избркани од работното место ако кренале глас за развој и почитување на професијата. Уште еднаш ги повикуваме и медиумите да се вклучат истражувачки во тематиката згрижување и нега на деца. Нивните статии и известувања да не завршуваат само на индивидуални случки, туку да ѝ помогнат на јавноста да се запознае со реалноста“, велат од Македонска асоцијација на дадилките.

Би можело да ве интересира

Велковски: Буџетот на МТСП оштетен над 2,5 милиони евра

Во Скопје речиси 50 отсто од децата се невакцинирани со ди-те-пер

Орце Костов

Здравствениот инспекторат ќе ги контролира вакциналните потврди за градинка, министерот ги прифати препораките

Катерина Ѓуровски

Инспекторатот ќе забрани невакцинирани деца во градинките кога ќе добие одлука од министерот

Орце Костов

Училиштата и градинките ќе плаќаат за 35 отсто поевтино парно, Регулаторот ги намали сметките

Орце Костов

МТСП: Си заминува стручниот кадар од Центрите за социјална работа