Последното истражување спроведено во врска со претстојниот референдум за изгледот на ГТЦ, покажува дека убедливо мнозинство граѓани од Општина Центар ќе гласаат за задржување на автентичниот изглед на фасадата на ГТЦ.
Дури 83% од оние кои ќе излезат и гласаат на референдумот в недела, одговориле дека ќе гласаат ЗА на прашањето „Дали сте за тоа Градскиот Трговски Центар да го задржи автентичниот изглед на фасадата.“
Во споредна со периодот пред 6 месеци, кога се вршеше последното истражување во врска со подготвеноста на граѓаните на Општина Центар да излезат на референдум за изгледот на ГТЦ, процентот на граѓани од оваа општина кои би гласале ЗА автентичниот изглед на ГТЦ, денес е пораснат за 15%.
Понатаму, во истражувањето, на анкетираните граѓани кои одговориле дека на претстојниот референдум ќе гласаат ЗА, им било поставено прашањето „Која е главната причини поради која би гласале „ЗА“. За 27.7% од анкетираните главната причина е „ГТЦ е културно наследство на градот и не треба да се менува“, 21.2% за „ГТЦ ги врзуваат убави спомени и не би сакале тој да се менува“, додека пак 18.2% од оние кои ќе гласаат за задржување на автентичниот изглед на ГТЦ тоа ќе го направат поради тоа што „Не се согласуваат со барокизацијата на објекти во центарот на градот“.
Имајќи го предвид големиот отпор на граѓаните на Општина Центар кон барокизацијата на објекти во центарот на градот, на испитаниците во ова истражување им беше поставено и прашањето „На скала од 1 до 10 каде 1 значи воопшто не ми се допаѓа а 10 целосно ми се допаѓа, колку ви се допаѓа барокниот стил на градби во проектот Скопје?“. Дури 51.6% од испитаниците одговориле дека воопшто не им се допаѓа барокниот стил на градби, додека пак само 11.7% рекле дека целосно им се допаѓа.
Понатаму, на истата скала од 1 до 10, од испитаниците беше побарано да објаснат колку се согласуваат со тврдењето „Би сакал да го видам ГТЦ во барок“. Како што може да се забележи од графиконот подолу, само 8.7% од граѓаните на Општина Центар целосно се согласуваат со ова тврдење, за разлика од дури 78.5% кои воопшто не се согласуваат, односно, не би сакале да го видат ГТЦ во барок.
Сосема на крајот, на испитаниците кои живеат на територијата на Општина Центар им беше поставено прашањето „Која емоција се буди кај вас кога ќе помислите на ГТЦ“. Кај 32.8% од жителите на Општина Центар ГТЦ поттикнува чувство на „Гордост“, кај 32.7% чувство на „Љубов“, кај 29.0% чувство на „Почит“, додека пак кај 26.5% Центарци ГТЦ буди чувство на „Задоволство“.
Истражувањето било спроведено за потребите на иницијативата „Го Сакам ГТЦ“ од страна на „Рејтинг“. Анкетата траела од 16 – 19 Април, додека пак податоците биле собирани по пат на телефонско интервју. Истражувањето еспроведено на репрезентативен примерок од 800 испитаници – жители на Општина Центар, додека стандардната статистичка грешка во рамките на општиот примерок изнесува +/- 3,3%.