Не прекинува ловот на мирни и сакани бездомни кучиња во општина Аеродром, не запира лажната узбуна дека се агресивни и дека напаѓаат. Еве едно такво куче, куче за кое се направи хајка, пратија и инспектори и шинтери да го ловат, куче кое се држи во карантин и кое доколку за него не се крене врева , нема од таму да излезе живо. Запознајте го Белчо, верниот и сакан пес на бројни деца во маалото каде живее, куче кое верно ги следи секаде.
Вакви како Белчо се „агресивните кучиња“ кои се убиваат во Вардариште. Ваквите како Белчо секојдневно се заловуваат и убиваат, од нив останува само црна статистика.
Погледнете го и Шарко, шармантниот, верен бездомник од Автокоманда. Прв другар на дечињата од неговата улица. Не сторил никогаш никому ништо лошо. Не успеавме да го спасиме ни ние, ниту оние кои се грижеа за него и молеа во Вардариште да се ослободи. Шарко е мртов, убиен од нелуѓе во Вардарише, кои без трошка совест, го декларираа за агресивен и му го одземаа животот.
Со ваквиот третман на бездомните животни во Скопје и Република Македонија, институциите немаат право на мирна совест. По наши безброј пријави за нехуманиот третман во Вардариште, барања за негово затворање никако не се постапило и стационарот и понатаму постои, убива. Сепак нема да се откажеме и ќе сториме се да дојде денот одговорните за овие злодела – наредбодавците и извршителите – правно одговараат.