Претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски кажа дека СЈО е формирано со политичка одлука и оти во Уставот на РМ согласно член 106 став 1 се предвидува дека Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и други канзиви дела.
– Постои само едно јавно обвинителство, а ова второ јавно обвинителство е формирано со политичка одлука, рече Аневски, додавајќи дека се надева оти во иднина соработката со СЈО ќе се зголеми.
Ова Аневски го кажа од Собранието каде беше усвоен годишниот извештај за работата на Советот на Јавни обвинители.
Во тек на расправата пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ане Лашкоска рече дека извештајот за работата на Советот за 2015 е позитивен затоа што Советот постапувал согласно неговите надлежности. Основните јавни обвинителства, посочи, се соочуваат со немање обвинители, а единствената причина е што нема готови кадри со завршена Акедемија за судии и јавни обвиниотели.
Советот, рече Лашкоска, остана доследен во својата работа и не подлегна на политички притисоци и притисоци од медиуми.
Коментирајќи дека Специјалното јавно обвинителство не го образложило шестмесечниот извештај за својата работа пред Советот на јавни обвинители и пред Собранието на РМ Лашкоска наведе дека „никој не може да очекува дека ова обвинителство ќе ги извршува своите обврски професионално и одговорно“.
Инаку, од 166 претставки по кои лани постапувал Советот на јавни обвинители на Република Македонија, 72 се за работата на јавните обвинители, а во 94 е изразено незадоволство од работата на јавните обвинителства. Во 2015 година еден јавен обвинител е разрешен поради извршено кривично дело, покажува Годишниот извештај за работата на Советот на ЈОРМ за 2015, усвоен на попладневното продолжение на 107. седница на Собранието на Република Македонија.
Петар Аневски, претседател на Советот на јавни обвинители на РМ, во образложението на извештајот, рече дека најголем број претставки се однесуваат на работата на јавните обвинители во Основното јавно обвинителство Скопје, со оглед на обемот на работа.
Оштетените граѓани и правни лица, наведе, се незадоволни заради наводно непостапување по поднесени кривични пријави од нивна страна, а особено од донесените решенија за отфрлање на кривичните пријави. Исто така забележан е случај на откажување од гонење на јавен обвинител на главна расправа заради што оштетените не биле во можност да го продолжат гонењето. Заради недостигот на јавни обвинители во основните јавни обвинителства се забележува зголемување на неажурноста во нив, наведе Аневски, посочувајќи дека бројот на јавните обвинители во Македонија треба да изнесува 263, но оти таа функција лани ја извршувале 201 јавен обвинител или 62 јавни обвинители помалку.