Американскиот Стејт департмент ја поддржува работата на Џес Бејли

Од:

Вршителот на должност портпарол во американскиот Стејт департмент Марк Тонер изјави дека Стејт департментот ја поддржува работата на амбасадорот Џес Бејли, се вели во одговорот на прашањето на Гласот на Америка на македонски, по шпекулациите во некои медиуми дека амбасадата во Скопје не зборува од името на администрацијата на САД.

„Американската политика во Македонија е да ја поддржи евро-атлантската интеграција на државата и реформите потребни за напредување кон таа цел. Тоа вклучува поддршка за демократските реформи, владеењето на правото и целосно имплементирање на договорот од Пржино”, изјави Тонер.

Недоразбирањата беа откако ВМРО-ДПМНЕ од амбасадорот на САД побара да ги коментира последните политички настани кои се однесуваат на напорите за формирање влада.

Тонер потврди дека насоките за амбасадарот Бејли и неговиот тим се да „работат во партнерство со македонските власти како и со граѓанското општество за унапредување на американската политика и целите на САД”, додавајќи дека Стејт департментот има полна доверба во амбасадата и во амбасадорот во Македонија.

Вршителот на должност портпарол во американскиот Стејт департмент нагласи дека САД како пријатели на Македонија силно ги поттикнуваат сите страни да го почитуваат владеењето на правото, демократските процеси и меѓународните обврски на Македонија.

„Ние сакаме да видиме силна Македонија, на патот кон станување членка на евро-атлантското семејство“, рече Марк Тонер за Гласот на Америка на македонски.

Би можело да ве интересира

Цените на нафтата паднаа на најниско ниво

Трамп: Разговорите со Иран се добри, постои шанса за договор

Гатилов: Европа создава свој нуклеарен штит поради сомневања за САД

Раководството на САД е поделено околу продолжувањето на воените операции во Иран

Иран: Повеќе од 200 американски војници се убиени, многу повеќе се ранети

Трамп ги запре нападите врз Иран по предупредувањата од американската војска