Речиси 400 летови во Соединетите Држави денес беа откажани поради лошите временски услови – што се совпаѓа со празникот Денот на благодарноста, период кој се карактеризира со зголемена гужва на аеродромите – додека уште 1.200 летови кон, од или во рамките на САД се одложени, според веб-страницата за следење летови „ФлајтАвер“ (FlightAware).
Се очекува повеќе од 80 милиони Американци да патуваат оваа недела за Денот на благодарноста – празник што вообичаено се поминува со семејството и роднините – токму во моментот кога Националната метеоролошка служба издаде предупредувања за обилни дождови, силни ветрови и можни поплави долж западниот и источниот брег на САД, пренесува Би-Би-Си (BBC).
Федералната управа за авијација (FAA) претходно предупреди дека се можни доцнења низ САД „во текот на целата недела“ поради два одделни буронносни системи кои влијаат и на источниот и на западниот брег.
Вчера, „ФлајтАвер“ објави дека на аеродромите во САД имало над 6.800 доцнења и повеќе од 160 откажани летови.
Националната метеоролошка служба предупреди дека моќна бура денес ќе го зафати источниот брег на САД, носејќи силни ветрови, обилни врнежи и значителни поплави долж крајбрежјето. Како резултат на тоа, традиционалната парада за Денот на благодарноста во Њујорк е одложена за сабота, пренесува Танјуг. Пред очекуваната силна бура, гувернерката на Њу Џерси, Мики Шерил, прогласи вонредна состојба во оваа американска сојузна држава, додека за пацифичкиот брег е издадено предупредување за невообичаено висока плима – т.н. „кралска плима“ – која би можела да предизвика поплави.
