Јадро – асоцијација на независната културна сцена, остро се спротиставува на насилната девастација на урбаната меморија и културното наследство, која се одвива последните години.
„Сведочиме на тоа како меѓународно варолизираните и социо-културно потврдени историски вертикали и урбани топоси бескрупулозно се поништуваат, агресивно се преобликуваат и се испраќаат во заборавот без аргументација, туку хировито, со цел да се ревоспостави нова историја.
За да ја потврдиме вредноста на современието во кое живееме нужно мораме да го потврдиме континуитетот загледан во разумното читање на историјата и на културното наследство.
Јадро – асоцијација на незваисната културна сцена, со протестна загрженост реагира на тенденциите за преиначување и неодговорно интервенирање во срцевината на културното наследство и социо-културната меморија. Сметаме дека ваквите интервенции, без согласност на граѓаните на Република Македонија, а во дослух со мала група на луѓе кои во мигов ја имаат извршната моќ на владеење, не само што го загрозуваат идентитетското формулирање на земјата и нејзините граѓани туку се израз на авторитарно и бескрупулозно задирање во она што треба да е„дом“ на граѓанска и мултикултурна Македонија.
Посегањето по „телото“ на Градскиот трговски центар, кој е врвно културно наследство на модернизмот, е посегање по културниот идентитет на модерна Македонија.
Доколку надлежните институции кои се обврзани да се грижат за културното наследство немаат доблест и капацитет да го заштитат континуумот во градењето на социо-културната меморија, тогаш наша e одговорноста да го сториме тоа. Токму затоа, Јадо – асоцијација на независната културна сцена смета дека е нужно да се исползува демократското право за референдум, на чија потреба укажуваат Општина центар и граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“. Даваме целосна поддршка и инсистираме дека ова е крајниот момент кога граѓаните треба да ја преземат во свои раце сопствената историја, сопствената сегашност и сопствената иднина.
Градскиот трговски центар во Скопје е последниот бастион, чие опстојување треба да биде симболички означувач за нашата свесност за заедничкото граѓанско урбано наследство и паметење.“, стои во соопштението на ЈАДРО.