Новата зграда на Кривичниот суд спроти Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе добие осветлување во духот на „Скопје 2014-та“.
За илуминацијата на зградата Основниот суд 1 проценил дека се потребни 1.694.915 милиони денари или околу 27.000 евра без вклучен ДДВ. Според спецификацијата на огласот, процесот за осветлување на новата зграда треба да започне на 01.01.2015 а треба да заврши за три месеци или на 1-ви март догодина. Во деталниот опис на услугата која се бара стои:
„Набавка и монтажа на ЛЕД светилки за надворешна илуминација на зградата на Кривичниот суд“.
Пред десетина месеци Министерството за правда за половина милион евра склучи договор судот со мебел да го опреми Друштво за градежништво, трговија и услуги БАУЕР БГ ДОО Скопје. На бирото за јавни набавки тогаш имаше објаснување дека избраната понуда била единствена. Постапката беше спроведена со преговарање без претходно објавување оглас а како официјална причина беше наведена недоволната конкуренција. На страната на е-набавки оправданоста за ваквата постапка се бранеше со следново:
„Кога во отворена постапка, ограничена постапка, постапка со преговарање со објавување на оглас и постапка со барање за прибирање понуди договорниот орган не може да закаже електронска аукција од причина што не постои доволно конкуренција“
Освен овие 500.000 евра, министерството за правда пред десет месеци објави и тендер за набавка на дополнителни работи за новата зграда на Кривичниот суд.
„Набавка на дополнителни работи за изградба на објект Кривичен суд во Скопје согласно Договорот ICB 001-01 за Градежни работи за изградба на Кривичен суд во Скопје“.
И за овој тендер на бирото за јавни набавки стоше дека не била користена електронска аукција. Договорот за непредвидени и дополнителни работи тежеше 300.000 евра и го доби фирмата Гранит Скопје.