Градот распиша тендер за осветлување на спомениците и фонтаните. Според податоцте од Бирото за јавни набавки проценетата вредност на илуминацијата е во висина од 8 милиони и 274 илјади денари или 134 илјади евра.
Од Град Скопје на прашањето за осветлување на кои споменици и фонтани се однесува овој конкурс кој гласи за намената „илуминација на спомен обележја, скулптури и фонтани во Скопје“, одговорија:
„Огласот се однесува на сите споменици, фонтани и спомен обележја во централното градско подрачје и со реализацијата на овој проект треба да се реконструира и подобри целокупната илуминација во централното градско јадро.“
Инаку, во 2012 беа потрошени околу 110 илјади евра за осветлување на новите барокни фасади на зградите околу скпскиот плоштад. Во март 2012, градските власти со 30 илјади евра ја осветлија фасадата на станбената зграда на улица „Никола Вапцаров“ кај некогашен „Ловец“. Претходно, 500 илјади евра беа потрошени за осветлување на зградите на Јавното обвинителство и Уставен суд. За илуминација на објектот на МНР од државната и градската каса се одлеани 210 илјади евра, а 220 илјади евра за Музејот на македонска борба. За осветлување на мостовите кај „Холидеј ин“ и МАНУ биле потрошени 270 илјади евра.
Во 2011 година илуминација беше поставена на спомениците на Гоце Делчев, Даме Груев и на Ченто, лавовите и на споменикот на Гемиџиите, а осветлени беа и самите постаменти на спомениците. Тогашната Општина Центар не откриваше колку е потрошено на осветлувањето на овие споменици.
Зграда „Пелистер“ 110 илјади евра
Зграда „Ловец“ 30 илјади евра
Уставен суд и ЈО 500 илјади евра
МНР 210 илјади евра
Музеј на македнска борба 220 илјади евра
2 моста 270 илјади евра
Фонтани и споменици 134 илјади евра
————————————————————————
Вкупно 1 милион 474 илјади евра