Сведоштвото на Споменка Цубалеска која се обиде да си го одземе животот поради извршителка, охрабри уште неколку граѓани да го кренат гласот против самоволието на дел од извршителите и спрегата помеѓу нив и поединци од судскиот систем.
Гостиварецот Рахми Ерѓул за „А1он“ раскажа како бил измамен од своите соседи и луѓе блиски на извршителката Весна Јакимовска од Гостивар, па морал да си ја откупува својата куќа, еднаш од банката и еднаш од соседот.
– Јас станав хипотекарен жирант на градежна компанија во Гостивар. Фирмата не плаќала рати и хипотеката беше активирана. Сите ние како должници ги уплативме сите рати кон банката, целосно со камати и главница, дел на сметка во банката, дел преку сметката на извршителката Весна Јакимовска. Но, таа извршила фиктивна продажба. Јас имам потврда од банка дена не поседувам никаков долг кон банката. После година дена доаѓа и ми вика „имотот ти е продаден“, рече Рахми.
Гостиварецот и сите хипотекарни должници уплаќале на сметка кај извршителката која добила налог за извршување од банката по активирање на хипотеките.
Рахми имал потврда од банката дека долгот е отплатен, но во меѓувреме банката побарала од извршителката да го изврши долгот. Јакимовска без да го извести Рахми, го продала неговиот задолжен имот на неговиот сосед Аријан Рамадани.
Кога Ерѓул ја прашал Јакимовска зошто имотот му се продал при издадена потврда за исплатени рати во банката, таа му рекла дека неговите пари се на посебна сметка.
За да му го врати имотот, купецот Рамадани побарал од Рахми Ерѓул да му ги врати парите од инвестицијата. Рахми се договорил да му плати на Рамадани со парите кои лежеле на посебна сметка извршителката, а извршителката му напишала и признаница пред тројца сведоци.
– Рамадани Аријан и Рамадани Аите наместо да ми го дадат имотниот лист и да си ја земам куќата, тие го заложиле имотот за кредит во Стопанска банка. Извршиле тешка измама. Јас пријавив во полиција која поднесе кривична за измама, а јавниот обвинител подигна обвинение. Десетчлено семејство сме, треба ли да се селиме. Зашто ме натера да ја купам? Сите докази ги имам, но јавниот обвинител дреме 12 години и се изживува. Судот го осуди Рамадани Аријан на една година за измама, но на Апелација тој ме обвини мене дека сум бил виновен – раскажа Рахми.
Гостиварецот ги обвини соседите дека со умисла и со измама се организирале да го иселат со семејството од центарот на градот. Според него, голема вина имало и кај извршителката Весна Јакимовска обвинувајќи ја дека е творецот на измамата.
– Цел град го исели извршителката Весна Јакимовска. Кому сака продава, кому сака дава, извршува вреден имот, ако и дадеш пари ќе пролонгира. Што сака прави во градот – додаде тој.
Основниот суд во Гостивар го прогласил Аријан Рамадани за виновен за измама и го осудил на казна затвор во траење од една година, но Апелациониот суд во Гостивар ја прифатил жалбата на обвинетиот, ја укинал пресудата и го вратил предметот на повторно судење.
Неговиот сограѓанин Денис Селими исто така имал проблеми со извршителката Весна Јакимовска. Извршителката, наместо да извршува на фирмата должник „Дени Комерц“ која ја поседувал друг човек, извршувала на физичко лице, кај Денис Селими и кај неговата мајка Сузана Селими.
– Во 2013 година мојата баба беше на смртна постела и ја држевме во живот со боци кислород. Извршителката влезе дома со сила за да види дали навистина баба ми е пред умирање. Се уште ги паметам зборовите „ова е се наместено, лажат само за за да не извршуваме. Ајде да ја оставиме да умре, па ќе дојдеме после тоа“. Ова го кажа со широка насмевка – рече Денис Селими.
Оваа година извршителката повторно извршувала и му одзела накит вреден 6.000 евра.
– Извршувала за сума на фирма која ја поседува друг човек и поради тоа ни е одземен имот од 122 квадрати. Поради неа сум сега надвор од мојот сопствен дом, плаќам кирија и не можам да влезам таму каде што сум живеел 30 години – рече Селими.
Откако му ги одзела лични работи и накитот, извршителката го повикала Селими во канцеларија нудејќи му да ги откупи предметите кои ги извршила.