Тивка војна и најави за бојкот на производите од „Жито Лукс“ од синоќа се шират на социјалните мрежи откако беше објавен документ со кој од Статутот на компанијата се брише зборот Македонија. Компанијата одлуката да го избрише зборот Македонија, според објавениот документ, ја донела во понеделникот.
„Со оваа одлука се врши измена и дополнување на Статутот на Жито Лукс АД Скопје како што следи: Во член 5, став 3 се брише зборот Македонија“, стои во одлуката која ги разгневи купувачите.
„ Мојата инстант одлука е повеќе да не купувам производи на Жито Лукс! Мило за драго“, „Правилна одлука, и јас нема да купувам“, се дел од коментарите од одлуката на компанијата, а се појавија и апели како „Апелирам да престанете да купувате што било од ’Жито Лукс’ додека не банкротира“.
Обидите да се намали револтот кон компанијата со објаснување дека бришењето на зборот е поради тоа што при извоз земјите од Европската Унија правеле проблем ако на производот стои Република Македонија и дека вакви чекори презеле и многу други фирми, не ги смирија купувачите кои се колнат дека никогаш повеќе нема да купуваат производи на „Жито Лукс“.
Многумина, пак, ова бришење сметаат дека е исто како и избегнувањето на власта кампањата „Купувај домашно“ да ја именува „Купувај македонски производи“, за да го избегне зборот македонски.
„А1он“ побара објаснување од „Жито Лукс“ за одлуката. Компанијата најави одговори во текот на денот.
„Жито Лукс“ веќе 68 години е еден од најголемите производители на леб и брашно кај нас. Од 2001 година стратешки инвеститор во „Жито Лукс“ е меѓународната групација на компании „Елбиско АЕ“ од Грција која поседува 55,47 отсто од акциите во компанијата.