„Блек фрајдеј“ викендот не ги измамил граѓаните за време на пандемија да излезат на купување како претходните години. Управата за јавни приходи, со потрошени 37,7 милиони евра, годинава бележи помала потрошувачка за време на овој викенд во споредба со претходните години.
„Во деновите од последниот викенд од месец ноември, 27.11-29.11.2020 година, кога траеше акцијата ’Black Friday’, преку ГПРС системот на Управата за јавни приходи, беше евидентиран вкупен готовински промет во износ од 2,322,824,415 денари. Во деновите од последниот викенд од месец ноември во 2019 година (29.11-01.12.2019 година) кога траеше акцијата ’Black Friday’, преку ГПРС системот на УЈП беше евидентиран вкупен готовински промет во износ од 2,852,210,465 денари. Во деновите од последниот викенд од месец ноември во 2018 година (23.11-25.11.2018 година) кога траеше акцијата ’Black Friday’, преку ГПРС системот на УЈП беше евидентиран вкупен готовински промет во износ од 2.570.820.208 денари“, велат од Управата за јавни приходи за „А1он“ нагласуваат дека наведените износи се однесуваат за прометот евидентиран преку нивниот систем за кој се издадени фискални сметки.
Поголем промет од оној направен за „блек фрајдеј“ викендот УЈП бележи за време на другите викенди во ноември. Првиот викенд, 06.11-8.11 регистриран е најголем промет, односно граѓаните потрошиле 39,7 милиони евра за кои добиле фискални сметки. Вториот викенд во ноември прометот малку паднал, но сепак е поголем од оној за време на „блек фрајдеј“. Во периодот од 13.11 до 15.11 потрошени се 38,7 милиони евра, а од 20.11 до 22.11 граѓаните потрошиле најмалку, односно 34,7 милиони евра.
Најголем промет УЈП регистрира за време на викендот без ДДВ. Во периодот од 10.10 до 12.10 граѓаните потрошиле 40,1 милион евра. Во однос на контролите на даноци, Управата за јавни приходи контролира цел пресметковен период, така што продажбите во деновите за „Black Friday“, ќе бидат предмет на контрола на даноци кај даночните обврзници, по завршување на оваа година и по поднесување на завршна сметка.
Управата за јавни приходи најави контрола на даноците одвоени за време на викендите со попусти кај даночните обврзници по завршување на годината и по поднесување на завршните сметки.
Анализа за евентуални лажни попусти веќе прави и Државниот пазарен инспекторат од каде се споредуваат цените на производите кои биле истакнати за време на попустот со цените внесени во деловните книги.
За време на годинашниот „блек фрајдеј“ голем метеж имаше во трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје, каде што граѓаните во долга редица чекаа за влез откако инспекторите од Пазарната инспекција, поради правилата за заштита од Ковид – 19, ги растурија редиците формирани внатре во трговскиот.