Според експертот за телекомуникации, Стевица Јосифовски, одлуката на Комисијата за заштита на конкуренција да дозволи спојување на двата оператори ВИП и ОНЕ е спротивна на законот затоа што се нарушува конкуренцијата, а се оштетуваат претплатниците. По однос на убедувањата дека нема да дојде до зголемување на цените на услугите, Јосифовски предупредува дека нема да дојде ниту до намалување и покрај постоечкиот тренд во светот пазарот да се зголемува и цените да се намалуваат.
-Во 2015-та год во услови на крајно либерализиран пазар каде има голема конкуренција, не може да стане збор за зголемување на цените. Цените се намалуваат и треба да се зборува за нивно намалување, за нов пакети и за иновативни услуги. Јас не гарантирам дека ќе се зголемат цените, но гарантирам дека нема да се намалат. Не очекувам дека ќе има поголемо вложување од операторите за да има поквалитетни услуги. Кога се двајца играчи на пазарот, нема поттик – вели тој во интервју за „А1он“.
Стевица Јосифовски има десетгодишно искуство во „Македонски телеком“ каде до пред извесно време работеше како директор во областа на правните прашања. До 2005 година беше ангажиран како раководител на одделението за донесување одлуки во Монополската управа при Министерството за економија. По напуштањето на „Македонски телеком“ работи во своја адвокатска канцеларија.
Дуополот што настанува по спојувањето на ВИП и ОНЕ, за корисниците може да биде поштетен од монополот. Кога се двајца играчи на пазарот, вели Јосифовски, постои опасност премолчено да ги договараат цените. Кај дуполот, посочува, се смета дека има некаква конкуренција, но таа е само привидна.
-Не знам како моите порананешни колеги во Комисијата ќе го образложат и аргументираат ова спојување пред своите колеги од земјите членки на ЕУ. Ова одобрување ќе биде пример во другите држави како не треба да се постапува – вели тој.
Поради тоа што се слаби аргументите на Комисијата, Јосифовски се сомнева дека е можно одобрувањето да било направено уште пред да се донесе одлуката.
Условот на Комисијата Оне.Вип неколку месеци по спојувањето да воведат виртелен оператор кој ќе ја користи мрежата на ОНЕ, според него нема да ја заштити конкуренцијата на пазарот.
-Конкуренцијата нема да биде на ниво како што била пред спојувањето. Кратењето на мобилни оператори од три на два негативно ќе се одрази кај корисниците, како од аспект на квалитетот на услугите, така и од аспект на цените.Условот не може да ја гарантира конкуренцијата затоа што виртуелен оператор никаде не претставува конкурент на мрежниот оператор. Тој најчесто е основан од самиот мрежен оператор да таргетира определена категорија на корисници заради неговата маленкост да биде поефикасен во простапот до таа целна група – објаснува тој.
Една од мерките што требаше да се направат, наместо да се одобри спојувањето, според Јосифовски е вишокот на фреквентен спектар да се врати во Агенцијата за електронски комуникации како би можела во постапка да спроведе аукција на таквиот фреквентен опсег за да се разгледа дали има заинтересираност од трет оператор кој би работел на пазарот како мрежен, а не како виртуелен. Со цел да се заштити конкуренцијата, а со тоа и корисниците.