Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, на изјавите за медиумите по свеченоста на која беше одбележена 97-та годишнина на Стопанската комора на Македонија, одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека Владата на Република Северна Македонија направи квантен скок со донесување на новиот Закон за енергетика, кога станува збор за спроведување на реформите во енергетскиот сектор.
„Доколку внимателно се слуша изјавата на директорот на Секретаријатот на енергетската заедница Јанез Копач и се прочита соопштението објавено на нивната веб страница, ќе може да се видат многу пофални зборови за активностите кои Владата ги спроведува во енергетиката, односно нашата земја се препознава како лидер во спроведување на реформи во енергетскиот сектор во регионот“, нагласи Анѓушев.
Вицепремиерот нагласи дека Министерството за финансии во моментов работи на донесување на подзаконски акт со кое ќе се изнајде соодветно решение за складирање на нафтените резерви во резервоари на приватните субјекти, а се работи и на донесување на други подзаконски акти кои произлегуваат од Законот за енергетика, при што потенцираше дека за Владата е многу поважно овие акти да бидат квалитетно изработени, отколку да бидат донесени побрзо.
Подзаконските акти кои што имаат вистински импакт врз енергетскиот развој на земјата, како што се Уредбата за мерките за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија и Правилникот за обновливи извори на енергија, се веќе донесени или во финална фаза на донесување од страна на Министерството за економија.