(ВИДЕО) Анѓушев: Со новиот закон за енергетика се гарантира правото на избор на граѓаните

Од:

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев и министерот за економија, м-р Крешник Бектеши одржаа брифинг со уредниците и новинарите од економските редакции на медиумите во врска со новиот предлог Закон за енергетика.

Новиот Закон за енергетика, требало да биде донесен уште во 2014 година, но не бил донесен во предвидениот период, по што од страна на Енергетската заедница се покренати и две постапки кон Република Македонија. Според вицепремиерот, бидејќи станува збор за особено важен и комплексен закон, истиот ќе биде донесен во регуларна процедура, во транспарентна постапка, во првата половина на 2018 година.

„Со новиот Закон за енергетика се гарантира правото на избор на граѓаните, да купуваат електрична енергија и природен гас по сопствен избор од било кој снабдувач. Ќе бидат надминати конфликтите на интереси кои што постојат во енерегетското живеење, во делот на гасот и на електричната енергија, при што ќе се имплементираат европските директиви од третиот енергетски пакет на ЕУ. Ако ваквите закони се добри за граѓаните на европските држави, нема зошто не би биле добри и за граѓаните на Република Македонија“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.

Министерот Бектеши информираше дека предлог Законот за енергетика веќе од 7 декември е поставен на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) и сите заинтереирани страни може да се запознаат со содржината на предлог текстот.

„Република Македонија како потписник на договорот за основање на Енергетската заедница има превземено бројни обврски, а една од најважните е усогласување на националното законодавство со ЕУ регулативите и директивите. Во новиот Закон за енергетика ќе се изврши усогласување со третиот енергетски пакет на ЕУ, а со негово донесување ќе се надминат и споровите кои се покренати кон Република Македонија, со што ќе ја вратиме и довербата на ЕУ кон македонските институции. За нашите граѓани отворање на пазарот значи и конкурентни цени и гарантираме дека цената на електричната енергија нема да се зголеми“, истакна министерот Бектеши.

Предлог текстот на Законот за енергетика ќе биде презентиран пред сите засегнати страни, денес се одржа првата јавна дебата, а дебати ќе се одржуваат и во наредните два дена. Се очекува владината процедура во однос на предлог законот да заврши до крајот на 2017 година, а законот најрано да биде донесен во февруари-март 2018 година.

Би можело да ве интересира

Кочо Анѓушев ќе го продава велешки Борец на берза за 25.000 евра

Жарко Настоски

Анѓушев: Работам согласно Уставот и законите

Ана Ололовска

Антикорупциска: Нема одговорност кај Анѓушев за хидроцентралата „Тополки“

Мери Јордановска

Анѓушев: Презедов обврска еден мандат да помогнам колку што можам

Ана Ололовска

Шекеринска и Анѓушев со најмногу вработени во кабинетите, кај Спасовски најскапо платени

Галена Николовска-Ризвановиќ

ВИДЕО: Заев и Анѓушев во обиколка на системот за водоснабдување на Гевгелија

Ана Ололовска