Туристичко-угостителска комора: 59 отсто од угостителите се подготвени да работат со половина од расположливите капацитети

Од:

Туристичко-угостителската комора информира дека спровела истражување за состојбата со која се соочуваат угостителите во изминатиот период од почетокот на здравствено-економската криза, како и за мерките што ги презема Владата за ублажување на последиците во секторот.

Според Комората, угостителството е еден од најпогодените сектори во земјата, кој од средината на месец март годинава со уредба од Владата беше затворен, со цел превенција од вирусната инфекција.

– Генералната слика е дека угостителите трпат големи штети од пандемијата, тешко ја пребродуваат кризата со понудениот пакет економски мерки, а голем дел од нив нема да се во можност во целост да почнат со работа и по олабавување на мерките и можноста да ги отворат своите капацитети, истакнува потпретседателот на Туристичко-угостителската комора, Мартин Ангеловски, кој потенцира дека во истражувањето учествувале мали и средни претпријатија од сите градови во земјата.

По однос на тоа „дали угостителите се подготвени да почнат со работа со половина од расположливите капацитети“, односно според најавата со скратено работно време и ограничен простор за работа, 59 отсто одговориле потврдно, односно дека се подготвени, додека 41 проценти дека не се подготвени за делумно функционирање.

На прашањето „дали се информирани за безбедносните мерки кои треба да ги применат при почнување со работа, кои се поврзани со превенција од Ковид-19 на вработените и гостите“, вкупно 78 отсто одговориле дека до сега не добиле, односно немаат информации за посебни безбедносни мерки за работа, а 22 проценти одговориле потврдно.

Во однос на економските мерки, на прашањето „дали се задоволни од понудената мерка на Владата да даде поддршка во висина од 9.000 денари или бруто-плата од 14.500 денари“, 95 отсто одговориле дека не се задоволни, а само 5 проценти дека се задоволни.

Дополнително, 90 отсто од угостителите одговориле дека за нив не е прифатливо што обврската по однос на ДДВ не е одложена за период од шест месеци, по завршување на кризата. Дури 93 проценти од угостителите одговориле дека не се задоволни од тоа што нема мерка за одложувањето на плаќање на режиските трошоци, струја, вода, комуналии.

Воедно 70 отсто од угостителите одговориле дека очекуваат дополнителна финансиска поддршка од страна на Владата по започнување со работа.

– На прашањето дали Владата треба да преземе мерки во однос на подигнување на свеста на посетителите на угостителските објекти дека се преземени сите неопходни мерки за заштита и безбедност“, 69 проценти сметаат дека Владата треба да спроведе кампања со прецизни инструкции за заштита на вработените и гостите од Ковид-19, изјави Ангеловски, додавајќи дека како резултат на моменталната состојба на пазарот и мерките кои се преземени, 60 отсто од угостителите би продолжиле со работа со истата дејност, а 40 проценти се изјасниле негативно.

Истражувањето ја отсликува реалната состојба со секторот угостителство, за која угостителите алармираат уште од стартот на пандемијата. Во таа насока, во периодот што претстои, почеток на работа на угостителските капацитети, од исклучителна важност е засилување на дијалогот со релевантните институции, континуитет во информациите и дискусија со претставниците од секторот пред да се донесат идни мерки, се посочува во соопштението на Комората.

Би можело да ве интересира

Американка која сама патува низ светот открива: „Не се чувствував безбедно во Албанија“

Предраг Петровиќ

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Дали сте спремни за продолжениот викенд?

Предраг Петровиќ

Зголемена фреквенција на возила на граничниот премин Табановце за излез и за влез во државата

Англиски турист ги осквернави фреските во Помпеја: „Сакав да оставам трага од мојата посета“

Предраг Петровиќ

Угостителските услуги за една година поскапеле за 6,3 отсто