Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот следната година со општините Прилеп, Охрид, Битола и Ресен ќе работи на туристичко означување на чаршиите и старите јадра што се препознатливи туристички вредности.
– Целта на ова означување е нивна подобра промоција и искористување од страна на домашните и странските посетители. Културно-историските обележја се сржта на туристичките содржини и продукти кои не разликуваат од останатите конкуренти, и привлекуваат со својата атрактивност и уникатност, соопшти АППТ по денешните состаноци на директорт на Агенцијата за туризам Љупчо Јаневски во општините Прилеп, Ресен и Охрид.
При посетата на Општина Прилеп се детектирани идеални услови за развој на верскиот туризам, како и активниот, агри и руралниот туризам, а според АППТ поддршката за промоција на настан– Пивофест, нема да изостане. Од Општина Прилеп информирале за иницијативата за прогласување на дел од прилепското старо јадро како светско наследство кое би се заштитило од страна на УНЕСКО.
– Зајакнувањето на соработката со општините Прилеп и Охрид ќе се одрази и преку соработка на многу различни проекти во иднина, но и активно вклучување на АППТ во веќе почнатите проекти од страна
на локалните самоуправи. Во контекст на ова, на состанок во Општина Ресен, директорот Јаневски се сретна со интернационалните консултанти за меѓугранична соработка – Марио Мартели и Антони Моусиос, со цел прецизирање на улогата на АППТ при нејзино вклучување во проектите за развивање на туристичките потенцијали, информира Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.