Тевдовски: Се укинува Советот за јавни набавки

Од:

Владата ќе го укине Советот за јавни набавки преку предлог по скратена постапка кој треба да се достави денеска. Се очекува Советот да престане да функционира од декември годинава.

Ова е една од реформите во системот за јавни набавки што ги најави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски на дебатата „Реформа во системот за јавни набавки“.

Укинувањето, како што беше посочено, е од причина што со неговото воспоставување јавните набавки станале покомплицирани и дека се одвивале во подолг рок.

Во рамки на реформите е предвидено и носење нов закон за јавни набавки до октомври следната година.

Законот за јавни набавки е донесен во 2007 година, но со измените направени потоа, според учесниците на дебатата, отежната е неговата примена, а системот за јавни набавки стана подалечен од ЕУ директивите.

– Јавните набавки тешко се спроведуваат, имаат бројни неоправдани бирократски бариери кои не само што не придонесуваат да се спречат можните злоупотреби, туку доведуваат до блокирање на институциите и ги спречуваат во нивното функционирање, рече министерот Тевдовски и додаде дека преку реформите ќе се донесе нов современ закон за јавни набавки согласно европските директиви.

Законот за јавни набавки веќе се подготвува од страна на Бирото за јавни набавки. Директорот Ѓорги Ѓоргиевски најави дека до крајот на годината се очекува да се подготви нацрт текст на законот кој ќе оди на јавна расправа, а да се донесе до октомври наредната година.

За укинувањето на Советот за јавни набавки посочи дека тој не ја исполни дадената задача и претставува кочничар за јавната набавка. Појасни дека доколку една јавна набавка треба да се заврши за 20 дена, во пракса се поминува подолг период.

На пет члена од Советот им завршува мандатот и Владата не планира да ги продолжи, а вработените во Советот ќе бидат прераспределени преку Министерството за инфорамтичко општество и администрација.

Поддршка за реформите, како и за укинување на Советот за јавни набавки беше изразена и од Делегацијата на ЕУ, невладиниот сектор и СИГМА ОЕЦД.

Јаромир Левичек од Делегација на ЕУ во Скопје оцени дека процесот на јавни набавки со измените во законот донесен во 2007 година стана покомплексен, поскап и требаше многу повеќе време за нивно спроведување откако е воспоставен Советот за јавни набавки.

– Во 2007 година ЕУ го поздрави новиот систем на јавни набавки но за жал големиот број промени кои беа усвоени доведоа до намалување на усогласеноста, рече Левичек и додаде дека и во извештаите за Македонија се содржани критики за јавните набавки, а кои се однесуваат на критериумите како негативната референца и најниската цена, воведувањето на Советот, како и корупцијата која се уште постои.

Порача да се зголеми ефикасноста, а сите извештаи за нерегуларностите во циклусот на набавки треба соодветно да бидат истражени

Ерика Бозаи од СИГМА посочи дека главните наоди во нивниот извештај бил дека фокусот во јавните набавки е ставен на фомалностите и дека при тоа недоволно се обрнува внимание на ефикасноста на вредноста на парите.

Според неа треба да има промена кај критерумите за најниска цена, референтните листи и е-аукиите и Владата да изнајде друго решение, а да се задржи платформата е-набавка и тој да се развива и може да се подобри системот за правни лекови.

– Една од слабостите е што законот се менуваше неколку пати и тоа не е добро бидејќи тоа не може да гарантира стабилна деловна клима. Затоа ќе биде добро доколку новиот закон остане непроменет подолг временски период, потенцира таа, според која покрај измени на законот треба да се направи и промена во менталниот склоп на договорните органи.

Директорот на Државниот завод за ревизија Максим Ацевски рече спроведената ревизија покажала дека законското решение кое беше често менувано стана оддалечено од ЕУ директивите и неприменливо, кое бараше дополнителен ангажман од договорните страни и економските оператори, дополнителни човечки ресурси, не обезбеди почитување на конкуреноста….

Потенцира дека новото решение нема да ги даде очекуваните резултати ако не се работи на интегритетот на сите инволвирани страни во процесот, ако не се зголеми отчетснста, одговорноста и транспареноста во процесот на јавните набавки.

Невладиниот сектор ги посочи истите забелешки осврнувајќи се на критериумот најниска цена и дека поради тоа не се води грижа за квалитетот.

Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации презентирајќи податоци од нивниото последен извештај посочи на пример на спроведен тендер во здравството каде е дозволено да учествуваат и фирми со регистрирани и нерегистрирани фирми и при тоа е постигната цена многу пониска.

– Да се води грижа за квалитетот, да се напушти најниската цена и електронски аукции, порача таа и додаде дека мора да се вложат сериозни напори бидејќи една третина од буџетот се јавните набавки.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Петрова: Бесими незаконски потпишал согласности за 3.000 вработувања во државни институции

Горан Наумовски

Вработени во МФ бараат исплата на додатокот на плата од 30 отсто

Протести и штрајкови најави Синдикатот на Министерство за финансии при УПОЗ ако не се потпише колективен договор

Горан Наумовски

МФ: Новата ПЕР 2024-2026 усвоена од Владата, поставена основа за нашата Реформска агенда за Планот за раст на Западен Балкан

Не смее да се вработува освен за испразнето место, но фалат луѓе во администрација вели Бесими

Анита Петровска Рајковиќ

Од јануари нема да се чека согласност од Финансии за вработување во администрација