Подобрена е наплатата на приходите кај скоро сите ставки во буџетот и зголемен е повратот на ДДВ во првите четири месеци годинава, истакнува министерот за финансии Драган Тевдовски во интервју за МИА.
– Кај вкупните приходи имаме годишен раст од 4,6 отсто. Даночните приходи се повисоки за 7,2 отсто, додека придонесите за шест отсто – споредбено првите четири месеца 2018 во однос на истот период 2017. Ова укажува на зголемена економска активност, како и на раст на личниот доход, согласно растот на придонесите и на наплата на персоналниот данок на доход за 6,1 отсто, вели Тевдовски.
Министерот посочува дека повратот на ДДВ кон фирмите е за 40 отсто повисок во однос на минатата година.
– Првите четири месеци извршен е поврат на 7,5 милијарди денари или 121 милион евра, што е за 40 проценти повеќе во однос на лани. Повратот на ДДВ кон фирмите се прави навремено и неселективно, што е значаен импулс за поддршка на нивните редовни активности и инвестиции, истакнува Тевдовски.
Тој во интервјуто посочува дека досега скоро секоја година имало ребаланс на буџет и притоа најголем број од ребалансите биле поради потфрлање на приходи, но оти сега нема таков проблем.
– Ние немаме таков проблем. Сега повеќе треба да се делува од страна на институциите за подобра реализација на капиталните расходи. Буџетскиот дефицит заклучно април е помал во однос на лани. Ако лани изнесувал -0,6 отсто, оваа година е -0,4 отсто од проектираниот БДП. Со оглед на тоа дека имаме добра наплата на приходите, имаме расположиви средства во буџетот, може да се размислува во текот на годината за нивна прераспределба во ставки каде очекуваме подобра реализација, вели Тевдовски.
Во однос на обвинувањата на опозицијата за презадолженост, Тевдовски одговара дека јавниот долг е намален.
– Да потсетиме дека овие обвинувања доаѓаат од партија која кога беше на власт го зголеми јавниот долг за 3,2 милијарди евра или од 23 отсто на 48,5 отсто од БДП меѓу 2008 и 2016 година. Парите отидоа на жални врби, палми, споменици, панорамско тркало. Во 2017 првпат после осум години имаме намалување на јавниот долг на годишна основа. Во првиот квартал од 2018 повторно има намалување на јавниот долг за 0,3 процентни поени од БДП. Истовремено, траспарентноста за трошењето на јавните пари е зголемена, додека помалку продуктивните трошоци се значајно намалени, вели Тевдовски.
Според него, и структурата на долгот е подобрена. Наведува дека ако во април 2012 година соодносот на краткорочни и долгорочни запишани домашни државни хартии од вредност била 93 отсто наспроти седум отсто во интерес на краткорочните, сега соодносот е 60 отсто долгорочни во однос на 40 отсто краткорочни.
– Ваквиот сооднос обезбедува намалување на ризикот за рефинансирање на долгот, вели Тевдовски.
Во однос на очекувањата за економски раст, министерот истакнува дека Владата останува на проекцијата за 3,2 отсто раст, што е во согласност со ревидираната проекција на Европската комисија и Народната банка. Додава дека ризиците во однос на домашното окружување се значително намалени во услови на стабилизирање на домашната политичка состојба.
– Растот се очекува да биде придвижен од приватната потрошувачка, инвестициите, како и засилената извозна активност. Очекувањата за раст на приватната потрошувачка се поврзуваат со очекуваниот раст на вработеноста и платите во приватниот сектор, подигнувањето на минималната плата, растот на платите во здравството, образованието и одбраната. Приватната потрошувачка се очекува да биде поддржана и од предвидениот раст на кредитирањето на населението. Позитивен придонес врз економскиот раст се очекува да имаат планираните инвестиции на јавниот сектор и поддршката на инвестициската активност на домашните и странските претпријатија, посочува Тевдовски.
Министерот истакнува дека предвидениот раст на економската активност се очекува да биде придружен со раст на вработеноста, кој ќе биде поттикнат и преку активните мерки и програми за вработување, како и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места.