Светски берзи: Доларот ослабе, цената на нафтата порасна

Од:

На повеќето азиски берзи цените на акциите денеска пораснаа трет ден по ред, по вчерашниот раст на Вол Стрит, додека вредноста на доларот во однос на кошничката валути благо падна втор ден по ред.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без Јапонија, до 7:00 часот порасна за 0,2 отсто, трет ден по ред.

Во исто време, индексот Никеи скокна за повеќе од 2 отсто на берзата во Токио, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Австралија и Шангај пораснаа меѓу 0,1 и 0,4 отсто. Во Хонг Конг, пак, тие паднаа за повеќе од 1 процент. Кинеските власти се обидуваат да ги стабилизираат пазарите на капитал со низа мерки, откако минатата недела цените на акциите паднаа на најниско ниво во последните пет години. Утрово го разрешија шефот на регулаторот и најавија нови мерки за зголемување на цените на акциите во пресрет на кинеската Нова година.

Но, лоши вести доаѓаат од економијата. Утрово беше објавено дека потрошувачките цени во Кина паднале повеќе од очекуваното во јануари, за 0,8 отсто на годишно ниво. Производните цени исто така паднаа, што укажува на слаба побарувачка и зголемувајќи ги стравувањата од дефлација.

„Кина мора да дејствува брзо и агресивно за да го избегне ризикот од дефлациски очекувања кај потрошувачите. Монетарната политика е поддршка, но потезите во фискалната политика се слаби“, вели Живеи Жанг, претседател на Pinpoint Asset Management.

Останатите берзи во регионот го следат вчерашниот раст на Волстрит, кога Dow Jones зајакна 0,4, S&P 500 за 0,8, а Nasdaq индексот за 0,95 отсто. Новиот рекорд на S&P е благодарение на растот на цените на акциите во девет од 11-те најважни сектори на индексот, при што најмногу порасна технолошкиот сектор, за 1,4 отсто.

Пазарот е поддржан од подобри од очекуваните квартални деловни резултати на компаниите. Досега повеќе од половина од компаниите од индексот S&P 500 пријавиле за своето работење во последниот квартал од минатата година, при што околу 81 отсто од нив ги надминале очекувањата на аналитичарите во однос на заработката.

Затоа, сега се проценува дека во тој квартал заработката на компанијата пораснала за повеќе од 8 отсто, додека пред еден месец се очекуваше раст од 4,7 отсто. „Добрите деловни резултати на компаниите го поддржуваат оптимизмот, така што пазарот продолжува во позитивна насока“, вели Мајкл Џејмс, директор во Wedbush Securities.

На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошничката валути благо падна втор ден по ред.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 104,00 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 104,14 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 147,85 на 148,55 јени.

Сепак, американската валута ослабе во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0780 долари, додека вчера во ова време беше 1,0760 долари.

Цените на нафтата, пак, благо пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава зајакна за 0,28 отсто, на 79,40 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,26 отсто, на 74,05 долари.

Би можело да ве интересира

Цените на нафтата на највисоко ниво во последните пет месеци

Скок на цената на нафтата, се намали вредноста на златото

Катерина Ѓуровски

Доларот зајакна во однос на еврото

Падна вредноста на доларот

Паднаа цените на нафтата

Доларот зајакнува петта недела по ред