Светот пред нов економски крах?

Од:

Јутарњи лист – Загреб

Минатата среда Стандард и Пурс на бразилските државни обврзници им одреди рејтинг „ѓубре“. Во меѓувреме Америка зајакна, доларот стана баран, цената му порасна, а доларската плима за БРИКС и другите земји во развој се сврте кон осека.

Заедно со другите земји на БРИКС, Русија, Индија, Кина и Јужна Америка, Бразил уште летово упатуваше предизвик на светското финансиско движење (Ал Џезира Америка), градеше алтернативен глобален поредок (The Huffington Post) и ја прекинуваше доминацијата на западните велесили (RT.com).

Но, минатата среда бонитетната агенција Стандард и Пурс на обврзниците на бразилската држава им одреди рејтинг „ѓубре“, што значи дека таа земја преживува голема несигурност и дека е изложена на погубни деловни, финансиски или економски прилики кои би можеле да предизвикаат нејзина неспособност да ги исполни своите финансиски обврски. Со тоа Бразил се приклучи на Русија (а и на Хрватска, Бугарија, Индонезија, Турција… ) која во рангот на „ѓубре“ влезе уште кон крајот на јануари оваа година.

Имено, летото се основа оперативна Нова развојна банка (НДБ со седиште во Шангај) која со 100 милијарди долари капитал ја основа БРИКС за да вопсостави конкуренција на Светска банка и ММФ, мултилатерални институции со кои доминираат САД и Европа.

Ни по три месеца поминати, Русија веќе со голема брзина ги троши државните резерви, кинескиот раст успорува, а Бразил се наоѓа на чекор од банкрот. Како можеше тоа да се случи? Најавуваат ли овие настани некои опасни промени во глобалната економија? Дали падот на Бразил во „ѓубре“, седма светска економска сила со 200 милиони жители е само почеток на некој поголем светски економски и политички потрес?

Не се работи само за БРИКС, иако и неговата економска големина би била доволна за загриженост. Големината на економиите во настанување (eng. emerging) и земјите во развој (eng. developing), кои силно се потпираат на извозот на суровини, храна и енергенти, нагло се најде во големи проблеми: продажбата во странство им се намали, цените на нивната стока паднаа, валутите брзо им губат вредност, ги погоди дефлација, државните буџети им пропаѓаат во дефицити, а цената на задолжувањето астрономски расте. Приходите на бразилските државни обврзници пред деградацијата беа речиси 15 отсто!

Најголеми директни виновници за таквата состојба се силниот долар и успорувањето на растот на Кина, земја која купува и троши и до половина од најзначајната светска берзанска стока. Меѓутоа, фундаменталната причина за најновата криза на земјите во развој е основањето на економска структура пречувствителна и неотпорна на надворешни и домашни шокови. Голема улога во тоа одигра до неодамна и наводно слабиот долар.

Изминатите шест до седум години парите беа фактор за земјите во развој и благодарение на американската експанзивна монетарна политика, со која Америка се извлекуваше од сопствената Голема рецесија. Долари имаше во изобилство и претприемачите и шпекулантите го зимаа по симболична цена и го инвестираа во земјите во развој, поточно во она со што тие располагаа, а тоа се природните ресурси. Се купуваа рудници, нафтени и гасни полиња, акции и обврзници, масовно се инвестираше во инфраструктура, потребна и непотребна. Инвестирањето прерасна во преинвестирање. Во меѓувреме Америка зајакна, доларот стана баран, цената му порасна, а доларската плима за БРИКС и другите земји во развој се сврте во осека.

Денес се гледа дека Бразил и другите земји во развој не ја искористија доларската бонанца, своите стопанства да ги направат позрели и поразновидни. – Се закопаа во природните ресурси, пропуштија да ги развијат и другите вештини на својата работна сила. Не го зголемија производството, не го подобрија својот човечки капитал и не развија мрежи на знаења, а владите во своите буџети насобраа социјални трошоци кои тешко се финансираат еднаш кога нивните економии ќе се укочат – оцени американскиот одличен аналитичар Џон М. Мејсон. А сега доларите треба да се враќаат. Бразил притоа е земја со најголеми доларски обврзници на светот. Нејзините фирми и државата, според Блумберг, ги продадоа доларските обврзници за околу 160 милијарди долари. Со повеќе од 100 милијарди следат Кореја, Индонезија и Чиле. Аргентина е на околу 80 милијарди долари, а по 50 милијарди емитуваа Кина, Малезија, Казахстан, Перу, Колумбија, Филипини. Но, тоа е само мал дел од нивните вкупни долгови.

Според Глобалниот барометар на Економист, Бразил има вкупен јавен долг од 1774 милијарди долари, кој до крајот на оваа година ќе се искачи на 69 отсто од неговиот БДП, што е многу слично на јавниот долг од 70 отсто од БДП на Порторико, земја која во јуни прогласи немоќ за своите 70 милијарди долг.

Од БРИКС и Индија има јавен долг од 1500 милијарди долари или 54 отсто од БДП, додека јавниот долг на Русија е занемарлив, само 8 отсто од БДП. Но, долг е пописот на земји со јавен долг поголем од 100 отсто од БДП.

Од тие кои не спаѓаат во најразвиените тука се Кипар, Ирска, Португалија, Јамајка, Либанон, Грција. Сите тие земји го зголемија јавниот долг спротивставувајќи се на Големата рецесија (спасувајќи ги своите банки и обидувајќи се сломот на својата приватна потрошувачка да го надоместат со јавната) и инвестирајќи во ефтини и обилни долари и евра, но денес издувувањето на нивниот должнички балон, светот може да го однесе во најголема економска криза до сега.

Поуките веќе одамна добро се знаат, но секогаш еднакво се залудни. Кога земјата ќе ја погоди слом на извозните приходи, таа сфаќа колку и било глупаво занемарувањето на јакнењето на домашната приватна побарувачка. Кога не може да ги враќа странските долгови, сфаќа дека и било многу попаметно да се задолжува во сопствената валута. Кога доларот зајакнува а цената на нафтата паѓа, зажалува што толку се потпирала на природните ресурси. Но, сите тие поуки за десет години се забораваат, па кризата тропа на врата секогаш одново со шокантна правилност. 

Би можело да ве интересира

Над 2.500 земјоделски и прехранбени производи се очекува да поевтинат со новиот закон за нефер трговски практики

Орце Костов

Работниците со ниски приходи ќе добијат 3.555 ваучери за туризам од 300 евра

Орце Костов

Субвенции за клими: За југозападна Македонија ваучери од 25.000 денари, за останатите 2000 помалку

Орце Костов

Путин: Русија ја престигна Германија и стана првата економија во Европа

Горан Наумовски

Николовски: Очекувам цена до 400 денари за тутун од прва класа и минимум за 20 отсто повисоки откупни цени за годинава

Шест земји се приклучуваат во БРИКС, меѓу нив Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати

Катерина Ѓуровски