Стратфор прогнозира подем на влијанието на Турција на Балканот, тешки денови за ЕУ и Русија

Од:

Децениската анализа на Стратфор, големата аналитичка мрежа од САД која советува влади и приватни корпорации за глобалните настани, во својата децениска прогноза за периодот од 2015 до 2025 година, предвидува слабеење како на Европската Унија, така и на Русија.

Во случајот на ЕУ, Стратфор оценува дека демографските слабости како и лошата економска избалансираност на Германија ќе предизвикаат поделби, слабеење на влијанието на Брисел и се поголема улога за одделните држави – членки. Од друга страна, главната причина за руското назадување, според Стратфор, ќе биде повторно катастрофалната демографска слика, но и слабеењето на репресивниот апарат на нејзината тајна служба.

Во вакви услови, во регионот на Балканот, но и во Кавказот и завојуваниот Блиски Исток, Стратфор прогнозира дека само една држава има капацитет да преземе одговорност и да ги пополни дупките кои се создаваат со повлекувањето на Европската Унија, Русија и САД, а тоа е Турција. Според Стратфор, Турција постепено ќе биде принудена да прифати активна улога во смирување на граѓанската војна во Сирија.

„Очекуваме дека Турција ќе биде вовлечена на својот југ. Колку и да се плаши од војна на своите граници, таа ќе биде принудена да се ангажира во Сирија. Турција не може да дозволи години на хаос на нејзините граници, а ниту Иран ниту Саудиска Арабија се во позиција да ја извршат таа улога”, оценува Стратфор. Но, поранешните отомански провинции на Блискиот Исток нема да бидат единствените каде Турција ќе ја зголеми својата улога, според децениската анализа на Стратфор.

„Како што Русија слабее, а Европската Унија се дели, економиите на некои од нејзините членки слабеат, а другите се ориентираат кон исток, Турција постепено ќе го зголеми своето присуство и на Балканот, како единствена сила која се уште може да го стори тоа. Но, пред ова да се случи, Турција ќе мора да најде свој внатрешен политички баланс. Таа е и секуларна и муслиманска земја. Ова е постојана линија на расцеп во современа Турција, и како и многу други земји, нејзината моќ ќе расте во услови на внатрешна политичка неизвесност. Нејзината армија, разузнавањето и дипломатската служба итсто така ќе мора да еволуираат во пропорција со нивните нови функции во деценијата која што доаѓа. Очекуваме да видиме забрзано издигнување на Турција во главна регионална сила во следните 10 години”, заклучува Стратфор.

Подетално за Европската Унија, Стратфор најавува непредвидливи и нестабилни односи меѓу европските држави, граѓански движења кои ќе бараат напуштање на Унијата или сепаратизам во самите држави членки и конечно, формален или фактички распад на денешната Унија. “Европската Унија можеби и ќе преживее во некоја форма, но европските економски, политички и воени односи ќе бидат водени пред се од билатерални или тесни мултилатерални односи. Некои од државите можеби и ќе останат формално членки во една крајно видоизменета Унија, но ЕУ нема да биде телото кое ќе ја дефинира Европа”, оценува Стратфор. Аналитичката агенција предвидува дека Германија ќе има сериозни економски проблеми поради структурата на нејзината економија, која е зависна од извоз во веќе банкротираните членки на Европската Унија. Од друга страна, како земја која е во подем, поради нејзината, за европски услови, релативно добра демографска слика, Стратфор ја посочува Полска.

“Очекуваме дека Полска ќе биде лидерот на анти-руската коалиција во следните пет години, коалиција во која друг значителен партнер ќе биде Романија. Овој сојуз ќе има доминантно влијание не само во Украина и Белорусија, туку и подалеку на исток”, оценува Стратфор.

Во исто време, агенцијата со седиште во Тексас предвидува дека Русија ќе се соочи со уште по драматично опаѓање на нејзиното влијание, и центарот во Москва неповратно ќе ја загуби можноста да влијае врз подалечните провинции.

„Русија ќе го помине остатокот од деценијата обезбедувајќи се пред навистина да биде погодена од нејзиниот демографски пад. Ќе се обиде да ја реформира својата економија, од извоз на суровини во нивна преработка, додека се уште има демографски сили да го стори тоа. Русија исто така ќе се обиде да ги спои поранешните советски републики во некој вид на кохерентен сојуз, да го прошири својот пазар и да присвои некои територии да послужат како бафер зони. Русија чувствува дека времето истекува, има пиштол на чело и мора да дејствува набрзина”, оценува Стратфор, чии аналитичари оценуваат дека, како и за Европската Унија, и Руската Федерација не може да опстои во својата сегашна форма во следните 10 години. Големите пространства и финансиската зависност од извозот на енергенси ќе доведе до тоа Москва да не може да владее со целата територија на Русија, и до официјално и неофицијално фрагментирање на земјата.”Моќта на тајната служба ФСБ исто така е намалена со вклучувањето на нејзиното раководство во економијата на државата. Како што економијата тоне, така ќе се намалува и силата на ФСБ, а без теророт што го спроведува ФСБ, не може да се спречи фрагментирањето на Руската Федерација”, оценува Стратфор. Главно безбедносно прашање во овој случај ќе биде како да се обезбедат илјадниците нуклеарни боеви глави расфрлани низ Русија, во случај одделните републики или области да се одметнат од централна контрола.

Од демографска и економска гледна точка, Стратфор прогнозира натамошен раст на Соединетите Американски Држави, кои ќе останат најголема, но не и семоќна воена сила и ќе држат околу 25 проценти од светската економија. Поставеноста на САД во овие услови, според Стратфор, ќе биде на зрела велесила, која ќе биде се помалку видлива и се помалку ќе го користи своето влијание, имајќи предвид дека станува енергетски независна и има помалку причини да се ангажира во светот, а не е ниту зависна од извоз, како што е Германија.

Би можело да ве интересира

Амбасадорите на ЕУ се согласија да стават уште четири руски медиуми на листата на санкционирани

Стано: ЕУ очекува новите власти на Северна Македонија да продолжат со успешниот пристапен пат

ЕУ: Замрзнатите руски средства ќе се користат за воена помош за Украина

ЕУ постигна договор за користење на замрзнатите руски средства за воена помош за Украина

Писонеро: ЕУ очекува сите политички сили во Македонија да го поддржат напредокот на европскиот пат

Орце Костов

Турција: Едно лице е тешко повредено во експлозија во зграда