Стопанска комора: Владата го повлече Предлог-законот за данок на солидарност, но бараме целосно да се стопира неговото донесување

Од:

Невозможно е да се гради предвидлива бизнис клима ако со години не се носат клучни, издржани закони кои би го подобриле работењето на компаниите, а се туркаат ад-хок решенија, по скратена постапка. Тоа мора да престане. Мора да научиме да почитуваме принципи и тоа што е договорено, да се имплементира. Не може да се менуваат правилата преку ноќ, ниту треба да се менуваат со секоја промена на власта. Неопходен е континуитет. Бизнисот бара систем, но смета и дека секое решение донесено од страна на државата треба да е добро, не само за стопанството, туку и за граѓаните.

Ова е пораката што денеска од прес-конференција ја испратија претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, потпретседателот Зоран Јовановски и извршниот директор Антони Пешев. Тие соопштија дека Владата го испочитувала барањето на бизнис секторот и го повлекла Предлог-законот за данок на солидарност од собраниска процедура, но тоа, како што рекоа, не е доволно. Мора да се стопира целосно носењето на овој закон, а ако евентуално повторно се активира постапката за негово донесување, тогаш прво ќе треба да се разговара со бизнисот.

Комората, рече Пешев, силно се противи на паушалната употреба на европското знаменце за донесување на законите, зашто се има впечаток, како што објасни, дека овој механизам се користи и кога навистина се работи за европски закони, но и кога се работи за закони за кои нема општ консензус, па практично се злоупотребува.

Азески, пак, уште еднаш укажа на потребата од потпишување на Декларацијата што Комората ја донесе минатата година и зад која стојат МАНУ, универзитетите во земјава, Организацијата на работодавачи, Делегацијата на германското стопанство и Занаетчиската комора. Тоа, нагласи, ќе значи национален консензус околу клучните прашања и гаранција за спроведување долгорочни економски политики, односно „враќање од партиската кон државната агенда“.

-Владата не послуша, го повлече Предлог-законот за данок на солидарност, но ние бараме не само да се повлече, туку и да се запре целосно неговото натамошно процесуирање. Очекуваме, ако го повлечле законот и ако сакаат повторно да го активираат, прво да разговараат со бизнисот. Мора да престане практиката на носење закони по брза постапка. Имаме 250 странски инвеститори и 15 000 наши членки кои бараат систем и предвидливост. За бизнисот тоа е клучно. Никој не е против да плаќа даноци, но не може преку ноќ да се менуваат правилата. Тоа што ќе се договори, треба и да се имплементира, рече Азески.

Според него, излезното решение е во потпишувањето на Декларацијата, во склучување договор меѓу државниот и приватниот сектор со кој би се регулирале меѓусебните односи.

-Тоа може да се направи во наредните недели и месеци. Од наша страна се е кажано, но имаме сериозен проблем со имплементацијата. Мора да научиме да почитуваме принципи, а не да ги менуваме со секоја промена на власт. Не можам да речам дека институциите не не сослушале, но работата е во имплементацијата, да се спроведат постапките за да се дојде до решенија најдобри и за бизнисот и за граѓаните, подвлече претседателот на Комората.

И според потпретседателот Јовановски, бизнисот бара систем и предвидливост. Тој ги повтори укажувањата на бизнисот зошто се бара целосно стопирање на Предлог-законот за данок на солидарност. Се осврна и на т.н. Даночен календар што го иницираше Комората.

-Даночниот календар значи дека заклучно со 30 јуни тековната година, државата ќе му соопшти на бизнис што е она што се менува или се воведува ново во сферата на даноците или други давачки, а ќе важи од 1 јануари. Така, бизнис секторот ќе има можност во текот на втората половина од годината, кога ги прави своите финансиски планови за наредната година, да ги вгради ефектите кои ќе произлезат од новите законски или подзаконски решенија, објасни Јовановски.

Често досега, рече, нови законски решенија се предлагаат во ноември, декември, на веќе донесени финансиски планови, што предизвикува голема нерамнотежа во неработењето на компаниите.

-Сега сме веќе јули, па какво било ставање на вакво решение како Предлог-законот за данок на солидарност, оди директно во спротивност со Даночниот календар, истакна Јовановски.

Извршниот директор на Комората, Пешев предочи дека не може во сопствената држава да биде казнет оној што во изминатиот период бил успешен зашто се наметнал на новите пазари и остварил екстра добивка.

-Секогаш кога се носи закон со социјална димензија и во кој селективно се собираат приходите од најуспешните, тогаш мора да се има и програма како ќе биде распределен. Солидарноста се однесува на компаниите ако тие навистина ја злоупотребиле својата монополска позиција на пазарот и создале екстра профит на штета на граѓаните, но тука за тоа не станува збор. Дополнително, значен дел од фирмите кои ќе бидат засегнати се од категоријата компании со странски инвеститори за кои ова е неразбирливо зашто апсолутно не било ниту предвидено, ниту најавено, туку ретроактивно им се зема дел од добивката што драматично ќе делува на нивната глобална позиција и на пазарите каде котираат. На тој начин не смееме да продолжиме. Предвидливоста е клучниот елемент на дефинирањето на програмите на компаниите кои во текот на годината се прилагодуваат според своето работење за реализирање коректни финансиски резултати, а вака, им се навлегува не само во работењето оваа година, туку им се нарушува и билансот од лани. Мислам дека Владата ќе има разбирање да не продолжи со овој данок, потенцира Пешев.

Тој додаде дека злоупотребата на европското знаменце при донесувањето на законите не е поддржано од ЕУ, тоа го потврдија и нејзините претставниците на ЕУ.

Би можело да ве интересира

Ковачевски: СДСМ заедно со бизнис секторот ќе ја исполни целта за европска и развиена економија

Стопанската комора поднесе Иницијатива за уставноста на Законот за данок за солидарност

Стопанската комора со сет барања за дополнителна поддршка на домашниот агросектор

Стопанска комора ќе бара од ЕУ да ги пролонгира роковите за одредени стандарди и регулативи кај бизнисот

Горан Наумовски

Стопанска комора: Обемот на соработката во регионот се намалува, компаниите во многу тешка позиција поради неизвесноста

Јовановски: Сега ги плаќаме слабостите во нашата економија од пред 30 години

А1он