Саемски манифестации во Макеоднија и натаму ќе се организираат. Скопски саем откако од јули има нов сопственик, бугарската Кардфинанс, а имотот со кој располагаше во Скопје е продаден од страна на банките каде бил оставен како гаранција, ќе продолжи со саемски активности, а за локацијата каде ќе се одржуваат ќе информираат во наредните месеци.
Ова го соопшти денеска извршниот директор на Скопски саем Дејан Кошутиќ одговорајќи на новинарски прашања на отворањето на Технома 2017 година.
– Најважно е дека Скопски саем ќе продолжи со организирање саемските активности. Ние сме единствен специјализиран економски оператор во делот на саемски активности во изминатите 60 години. Самото денешно отворање на „Технома“ е доказ за каква компанија и со какво искуство и какво ноу-хау се работи. Со поддршка на нашите колеги и пријатели од регионалните саеми и од ЈИЕ успеавме да го организираме овој саем. Ќе продолжиме и понатаму со саемски активности, изјави Кошутиќ.
Посочи дека одржувањето на „Технома“ во Конгресниот центар „Борис Трајковски“ е привремено решение, а за тоа каде ќе бидат лоцирани на долг рок ќе информираат со деловниот план за 2018 година.
Посочи дека во ноември ќе почнат подготвките за саемите за градежништво и за мебел.
Запрашан што ќе се гради на локацијата на Скопскиот саем на улица „Беласица“, рече дека тоа треба да го каже новиот сосптвеник на земјиштето.
Во однос на новонастанатата состојба во Скопски саем, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев рече дека како Влада не може да се мешаат во работата на правните приватни субјекти и изрази поддршка на Скопски саем во изнаоѓањето локација за натамошните активности.
– Доколку од нас како Владата биде побарано да изнајдеме нова локација на која компанијата сака и понатаму да се занимава со саемски манифестации и да изгради нови саемски хали ние со целиот свој капацитет ќе изнајдеме начин тоа да го обезбедиме. Лично ценам дека тоа е потребно и ние ќе ги помогнеме сите активности во таа насока, истакна вицепремиерот Анѓушев.
Скопски саем е приватизиран во 2001 година кога сопственик стана Ера груп од Словенија, а од 28 јули 2017 година е во сопственост на Кардфинанце од Софија.