Претставници на Синдикатот на администрација и државна управа денеска имале средба со министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на која разговарале за новите измени во Законот за административни службенции, за трансферот на вработени од јавниот во приватниот сектор и за платите.
Од Синдикатот попладнево преку соопштение информираа дека на средбата посочиле оти за нив е неприфатлив трансферот на вработени од јавниот во приватниот сектор од причина што тоа ќе доведе до поголем одлив на стручен кадар. Од министерот побарале да бидеме вклучени во новите измени на Законот за административни службеници.
– Исто така, пред министерот беа доставени бројни докази за некоординираност на институциите, непостапување на инспекторатите по пријави за злоупотреба на службена должност, судски пресуди со кои што ги докажуваме споменатите дејствија и други правни акти со кои што недвосмислено се гледа дека во одредени институции во јавниот сектор владее хаос. Министерот Дамјан Манчевски ги констатираше нашите тврдења и ни искажа уверување дека токму заради овие причини потребни се измени на законот со цел спречување на вакви дејствија и поголема транспарентност и побара од нас како синдикат во иднина да имаме почести средби со кои и тој ќе биде одблиску запознаен со проблемите, така што низ дијалог и фер социјално партнерство ќе можеме заеднички чекор по чекор да ги решаваме проблемите кои што се наталожени во јавниот сектор, се наведува во соопштението од Синдикатот.
Оттаму посочуваат дека министерот искажал подготвеност за потпишување на нов колективен договор за јавниот сектор со цел зголемување на правата на вработените, а во однос на зголемувањето на платите за пет проценти во јавната администрација од следната година, од Синдикатот побарале потпишување на спогодба со која платите ќе растат линеарно секоја година.