Секој граѓанин има право на достоинствена работа што е важен предуслов за поголеми резултати во работењето и поголема мотивираност кај секој вработен, беше истакнато на денешното одбележување на Светскиот ден на достоинствена работa -7 oктомври.
На одбележувањето во Сојузот на синдикати на Македонија, претседателот на ССМ, Живко Митревски оцени дека во Македонија е почнат процес на донесување на низа акти и закони кои одат во прилог на обезбедувањето пристојна работа за работниците.
Во тој контекст, го спомена зајакнатиот дијалог меѓу социјалните партнери, заживувањето на Економско-социјалниот совет, донесувањето на законите за минимална плата и за мобинг, измените на Законот за безбедност и здравје при работа и имплементацијата на 19 европски директиви.
– Се надевам дека и во овој период кој ни претстои, ако е исполнет со низа турбуленти предизвици предизвикани од светската економска и финансиска криза, ќе го отвориме просторот да го унапредуваме овој нов концепт со евентуално отворање на процеси и за разгледување на зголемување на минималната плата како со работодавачите, така и со Владата, рече Митревски.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов најави дека и во иднина ќе продолжат заложбите на Владата за обезбедување на услови за пристојна работа и достоинство на трудот.
– Заедно со нашите социјални партнери преку Економско-социјалниот совет и преку најразлични форми на дијалог на сите нивоа ќе работиме на сегментите кои влијаат на обезбедувањето на пристојна работа, согласно меѓународните стандарди, искуства и сознанија. Наш приоритет и понатаму останува реализацијата на конкретни мерки за унапредување на правата на работниците, нагласи Спасов.
Покрај донесените закони и стратегии, Спасов посочи дека концептот на пристојна работа се зајакнува и со зголемувањето на вработеноста, односно со отворањето на повеќе од 120 илјади работни места од 2006 година до денес и намалувањето на невработеноста од 36 проценти на 28,8 проценти.
Светскиот ден за пристојна работа годинава се одржува по шести пат. Во 2007 година, согласно Агендата на Меѓународната организација на трудот, усвоена во 1999 година, организациите Global Progressive Forum, Social Alert, Solidar, како и Европската конфедерација на синдикатите (ЕТУЦ), со цел враќање на достоинството на трудот, формирана е Алијанса за достоинствен труд. Одзивот на синдикатите и на работниците во голем број земји во светот беше голем, така што Меѓународната конфередација на синдикатите (ИТУЦ) од 2008 година, 7. Октомври го прогласи и го одбележува како Меѓународен ден за пристојна работа, или за достоинствен труд.
Четирите основни концепти поврзани со пристојната работа се создавање и креирање на нови работни места, гарантирање на работничките права, проширување на социјалната заштита и промовирање на социјалниот дијалог.