Се подготвува дуопол на пазарот на телекомуникациите. По изјавата на директорот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), Роберт Орданоски дадена на денешната прес конференција во која тој ја брани идејата за спојување на двата телеком оператори ОНЕ и ВИП, познавачите од оваа област сметаат дека согласно искуствата на другите пазари и реалната состојба на телеком пазарот во Македонија, спојувањето на двата оператори може да не врати на една состојба од пред десетина години.
И Орданоски ја чека одлуката на Комисијата за заштита од конкуренцијата (КЗК) каде како што објави А1он пред два дена, сеуште тече рокот од 90 дена за разгледување на жалбите пристигнати по намерата за спојување на двата оператори. Според сознанијата на А1он, во Комисијата за заштита од конкуренцијата имало голем притисок од страна на власта за брза одлука и што побрзо одобрување на спојувањето.
Официјално од Комисијата изјавија дека не можат да коментираат дали има или не притисок.
-Комисијата ќе донесе решение со кое може да ја одобри или забрани таа концентрација, рокот за тоа решение истекува во средина на јуни, поведовме постапка, известувањето беше објавено, од денот на објавувањето ни престојат 90 работни дена. Имаше забелешки од Македонски Телеком и Т- мобиле кои заедно доставија едно мислење и дополнително има мислења од две физички лица, одговорија од Комисијата.