Со традционални песни и фолклорни точки во присуствоо на значајни личности од јавниот живот, беше отворен првиот етно ресторан по долината на Радика. На првиот ден од почетокот со работа на „Куќата на Мијаците“, што се наоѓа во подножјето на Бигорскиот манастир, на посетителите им беа презентирани дел од услугите кои ги нуди овој капацитет и историјата на Мијаците.
Овој угостителски капацитет произлезе од партнерството на монашкото братство на Бигорскиот манастир и тетовскиот бизнисмен Јован Николовски. Идејата е на игуменот Партениј, кој, како што рече „Куќата на Мијаците“ претставува еден своевиден ресторан-музеј на мијачката култура.
– Ова ќе биде и свовиден придонес за развојот на верскиот и селскиот туризам во западниот дел на Македонија, изјави тој.
Пред отворањето, додаде, дека при изградбата се внимавало на сите детали.
– Мијачката куќа ја изградивме целосно во градителскиот дух и стил на мијачката градителска традиција. Вака направена таа ќе го доближи до посетителите и гостите духот на мијачката култура од секој аспект: местоположба, амбиент, историја, храна, објасни архимандрит Партениј игумен на Бигорскиот манастир
„Куќата на Мијаците“ е составена од приземје и два ката. Најгоре се сместени четири гостински соби за преноќевање. Другите две катни површини се наменети за ресторанот кој има повеќе простории – одаи (галичка, лазоровска), украсени со традиционални дрвени таваници и розети, камини, мозаици, орнаментика карактеристична за мијачките простори од 19 век, старински лустери и ламби, дрвени миндери и паравани.
Претходно надлежниот Митрополите Доситеј, на патрониот празник на ова македонско духовно светилиште изврши осветување на објекотот.