Домашните и странските туристи, но и локалните жители денеска на плажата во Дупени ќе имаат можност да ги откријат убавините на преспанскиот регион, културата, храната, традицијата на манифестацијата „Запознај ја Преспа“, што прв пат годинава се одржува во организација на Општина Ресен, Рурални жени и Prespa Bike.
Партнери на проектот се ЕУ за ТЕБЕ, Агенција за млади и спорт, Spirit of Prespa, Преспа град и Еко Герила.
Покрај можноста за дегустација на традиционална преспанска храна ќе бидат презентирани и локални органски производи, како и производи од јаболко, кое е карактеристично за овој регион. Денеска ќе се реализира и традиционалната велосипедска тура „Tour de Galichica“, а волонтерите од невладината Еко-герила со поддршка на Агенцијата за млади и спорт ќе го чистат преспанското крајбрежје во околината на Отешево.
На плажата во Дупени, ќе се одржи и турнир во одбојка, настап ќе има културно-уметничкото друштво „Таше Милошевски“, а најавенин се и многу игри и забава за најмладите.
Во рамките на манифестацијата синоќа беше одржана панел-дискусијата на тема „Европски придобивки за регионот Преспа – искуства и можности”, на која учествуваа градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски, од Европската унија, младински организации и невладиниот сектор од трите погранични држави Северна Македонија, Грција и Албанија.
Заеднички заклучок на сите беше дека Преспа е уникатен регион, а Преспанското Езеро е обединувачки фактор, кој поврзува три држави. Според нив, потребно е да се направи се да се вратат младите во Преспа. Вечерта продолжи со забава на бендовите Нокаут и Бла, бла, бла…, Инстинкт, Реприза, Екстраваганц и Anima Nation.