Дали Синдикатот односно ССМ се уште егзистира во Република Македонија и ако постои за кого функционира, прашува ПЕП 21.
„Фотелјите, имотот и парите со кои во минатото и сега располага ССМ, од секогаш беа личен мамец за синдикалните лидери, а не професионален предизвик. Правата на работа, социјална осигураност, платени пензиски и здравствени придонеси, наместо да се бранат и да се штитаат на начини регулирани со закон, вклучувајќи го и штрајкот, не се почуствуваа.
ССМ и сегашниот прв синдикалец д-р Живко Митревски, на хартија, на писулче се фалат дека имаат 9 репрезентативни гранкови синдикати?! Се фалат дека функционира економско социјалниот совет?! Се пофалија и со наводно започнат процес на обезбедување достоинствена работа?! А, во меѓу време што се случува?
Непречено се намалија работничките и социјалните права. Откази во фирми, па дури и во оние кои се во сопственост на државата. Градежници умираат на градилишта затоа што работат без опрема, за мали пари и без осигурување. Работничките права, правото на штрајк, ПЕП 21 смета дека е минимизирано, а незадоволството нема кој да го преточи во практика. Прашање е дали ССМ и Живко Митревски градат и негуваат социјална, правна и демократска држава? Се сомневаме дека се залагаат за социјална правда, солидарност, хуманост и за социјален и економски развој на Република Македонија и граѓаните, а уште помалку за достоинствена работа? Дали навистина се самостојни, уште помалку независни?
Г-дине Живко Митревски, нели требаше светскиот ден на достоинствена работа да го прославите со работниците и со нив да се сликате и снимате на нивните работни места? Дали после Вашите настапи и изјави со кои оставате впечаток дека повеќе ги штитите правата на Владата отколку на работниците, човек може да смета дека ССМ ќе биде ново министерство, а Вие нов министер во Владата на РМ“, се вели во писменото соопштение на ПЕП 21.