Отворен Меѓународниот саем за туризам „Скопје травел маркет“

Од:

Туристички агенции и тур оператори од Турција, Италија, Северен Кипар, Унгарија и Македонија, во следните три дена ќе ги презентираат своите понуди на  3. Меѓународен саем за туризам „Скопје травел маркет“.

Туристичката саемска манифестација што се одржува на Скопски саем и ќе трае до 27 април, денеска ја отвори министерот за економија Ваљон Сарачини. „Скопје травел маркет“, како што истакна Сарачини, е вистинското место за промоција на атрактивни дестинации за патување, но и место за средби на туроператорите, туристичките агенции, сопствениците на туристички објекти, туристичко-угостителските комори…

Осврнувајќи се на мерките и субвенциите што ги презема и дава Владата за поттикнување и развој на туризмот, министерот Сарачини истакна дека минатата година е зголемен бројот на туристи во споредба со 2011 година.

– Ефектите од минатогодишните мерки за субвенционирање на организираниот странски промет и воведувањето субвенции за нискобуџетските летови се 663.633 туристи од кои повеќе од половина странски, односно околу 20 илјади туристи повеќе отколку во 2011 година и 80 илјади туристи повеќе одошто во 2010 година. Евидентен пораст се забележува и кај странските туристи и тоа безмалку за 100 илјади за разлика од 2010 година, односно за 30 илјади во споредба со 2011 година. Иако сезоната во Македонија почнува подоцна, веќе е зголемен бројот на туристите во февруари 2013 година во однос на февруари 2012 година за 8,7 проценти, а бројот на ноќевањата за 10,3 проценти, нагласи Сарачини.

Тој потенцира дека е зголемен и бројот на туристи и посетители од регионот. Така, за последните две години е зголемен бројот на туристи од Бугарија за 27 проценти, од Грција за 63 проценти, а од Турција за 150 проценти.

Во рамки на саемот денеска се одржува и првенството на бармени, а утре туристичката агенција „Савана“ ќе го промовира тренинг-центарот чија цел е обука на туристички работници.

„Скопје травел маркет“ ќе биде отворен секој ден од 11 до 19 часот. Цената на влезниците е 50 денари, додека за групна посета на ученици и студенти билетот ќе чини 30 денари. 

 

Би можело да ве интересира

Прогласени најдобрите дестинации во светот за ноќен живот

Предраг Петровиќ

„Руси доaѓајте, сметаме на вас“

Предраг Петровиќ

Туристичките капацитети за празниците исполнети до 80 отсто

Горан Наумовски

Јаневски поднесе оставка од функцијата директор на Агенцијата за туризам

Катерина Ѓуровски

Николовски: Македонското вино е нашиот најдобар промотор

Груби ги кани невработените да се запознаат со работата на „Бехтел и Енка“, а тие уште не почнале да градат

Орце Костов