Туристички агенции и тур оператори од Турција, Италија, Северен Кипар, Унгарија и Македонија, во следните три дена ќе ги презентираат своите понуди на 3. Меѓународен саем за туризам „Скопје травел маркет“.
Туристичката саемска манифестација што се одржува на Скопски саем и ќе трае до 27 април, денеска ја отвори министерот за економија Ваљон Сарачини. „Скопје травел маркет“, како што истакна Сарачини, е вистинското место за промоција на атрактивни дестинации за патување, но и место за средби на туроператорите, туристичките агенции, сопствениците на туристички објекти, туристичко-угостителските комори…
Осврнувајќи се на мерките и субвенциите што ги презема и дава Владата за поттикнување и развој на туризмот, министерот Сарачини истакна дека минатата година е зголемен бројот на туристи во споредба со 2011 година.
– Ефектите од минатогодишните мерки за субвенционирање на организираниот странски промет и воведувањето субвенции за нискобуџетските летови се 663.633 туристи од кои повеќе од половина странски, односно околу 20 илјади туристи повеќе отколку во 2011 година и 80 илјади туристи повеќе одошто во 2010 година. Евидентен пораст се забележува и кај странските туристи и тоа безмалку за 100 илјади за разлика од 2010 година, односно за 30 илјади во споредба со 2011 година. Иако сезоната во Македонија почнува подоцна, веќе е зголемен бројот на туристите во февруари 2013 година во однос на февруари 2012 година за 8,7 проценти, а бројот на ноќевањата за 10,3 проценти, нагласи Сарачини.
Тој потенцира дека е зголемен и бројот на туристи и посетители од регионот. Така, за последните две години е зголемен бројот на туристи од Бугарија за 27 проценти, од Грција за 63 проценти, а од Турција за 150 проценти.
Во рамки на саемот денеска се одржува и првенството на бармени, а утре туристичката агенција „Савана“ ќе го промовира тренинг-центарот чија цел е обука на туристички работници.
„Скопје травел маркет“ ќе биде отворен секој ден од 11 до 19 часот. Цената на влезниците е 50 денари, додека за групна посета на ученици и студенти билетот ќе чини 30 денари.