Над 100 иновативни проекти се претставени на 43. Меѓународен саем „Технома“ што од денеска до 29 октомври се одржува во Скопје, но наместо традиционално на Скопски саем, во ВИП арената на спортски центар „Борис Трајковски“.
Учествуваат големи, средни и мали домашни и странски производители од областа на металургијата, електротехниката, енергетиката, нeмeтaлитe, грaдeжништвoтo, обезбедувањето и заштитата, а официјално Саемот го отвори вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
– Годинава Технома ја одржуваме на нова локација во Вип арената „Борис Трајковски“, а во организација на Скопски саем која е единствена специјализирана компанија за одржување саемски манифестации, рече Даниела Глигоровска, извршен директор на Скопски саем.
Оваа саемска манифестација, како што рече, е фокусирана да овозможи поттик на претприемачкиот и иновативниот дух, поддршка на претпријатијата, технологиите, науката, вештините и знаењата, поттик за индивидуалците со иновативен потеницјал и за инвестициите за постигнување на поефикасна продуктивност.
Вицепремиерот Анѓушев оцени дека оваа саемска манифестација има големо значење за македонската економија.
– Самото тоа што опстојува 43 години говори за нејзината потреба и важност, истакна Анѓушев и додаде дека таа е место каде се среќаваат стопанствениците, каде компаниите имаат можност да ги изложат своите производи, а оние кои имаат потреба од тоа да се сретнат со понудувачите.
Посочи дека Владата ќе ги поддржува ваквите манифестации и оти е посветена на поддршка на економијата во целост.
– Владата и понатаму ќе биде посветена да ги поддржи сите субјекти во Македонија. Ја обзнанивме програмата за економски раст во РМ која е транспарентна и секој стопанственик ќе знае што може да очекува како поддршка од Владата од самиот почеток без воопшто за тоа да преговора. Ќе биде еднаква за сите инвестотори и сите компании во РМ регистрирани во Централниот регистар и тие на подеднаков начин ќе бидат поддржани во нивната работа, истакна Анѓушев.
Во организација на Скопски саем паралелно со „Технома“ се одржува и 37. Меѓународна изложба на иновации – МАКИНОВА 2017, каде компаниите ги претставуваат и промовираат своите иновативни производи и методи.
Во рамки на „Технома 2017“ утре ќе биде одржи трибина на тема „Комерцијалните аспекти на иновацијата и финасиските можности за поддршка на истата – искуства во македонија и идни стратегии за развој на иновативните бизнис концепти?!“
Традиционално, на „Технома 2017“ ќе се претстават и националните економии на многу земји, покраини и региони, а за зголемување на соработката организирани ќе бидат стручни програми и Б2Б средби.
Работното време на саемот е од 10:00 – 19:00 часот. Цената на редовната влезница е 50 денари, а за организирани групни посети 30 денари.