Oсновната каматна стапка на Народната банка намалена на 1,75 отсто

Од:

Народната банка денеска одржа вонредна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика (КОМП) на која донесе одлука за намалување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени на ниво од 1,75 отсто. Според Народната банка, тоа треба да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките, а со тоа ќе се овозможи одржување на кредитниот циклус и ублажување на ефектите од негативниот шок врз домашната економија, особено врз ликвидноста на корпоративниот сектор, иако ликвидносниот потенцијал со кој располагаат банките е висок.

Потребата од одржување вонредна седница, како што наведуваат од Народната банка, произлезе од брзото ширење на вирусната инфекција ковид-19 во глобални рамки, со што се продлабочија ризиците и во домашната економија.

На седницата повторно се разгледани најновите економски показатели, при што е разговарано и за ефектите од појавата на Kовид-19 врз глобалната и врз македонската економија.

– Во услови на стабилни инфлациски движења и адекватно ниво на девизни резерви, а при извесни негативни ефекти врз економијата од надворешното окружување, како и од мерките за ограничување на ризиците од ширењето на вирусната инфекција ковид-19, Народната банка донесе одлука за намалување на основната каматна стапка за 0,25 проценти поени, со што таа ќе изнесува 1,75 отсто. Ова е второ намалување на каматната стапка во 2020 година и треба да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банкитеСо тоа ќе се овозможи одржување на кредитниот циклус и ублажување на ефектите од негативниот шок врз домашната економија, особено врз ликвидноста на корпоративниот сектор, иако ликвидносниот потенцијал со кој располагаат банките е висок, стои во соопштението.

Се додава дека Народната банка разгледува и дополнителни мерки за поддршка на економијата, во вакви околности кога таа е погодена од неекономски и неочекуван негативен шок.

-Овие мерки, истакнуваат, се однесуваат на евентуални промени што ќе ги стимулираат банките да ги поддржат најпогодените сектори во економијата, а преку целна промена на дел од монетарните инструменти и преку промени во регулаторните барања.

Напоменуваат дека засега тековите се стабилни, а Народната банка е доследна на успешното спроведување на своите цели: одржување стабилни цени, стабилен девизен курс и одржување на финансиската стабилност.

Во овој контекст, соопштуваат дека нивото на девизните резерви е комфорно и сосема е адекватно за да може соодветно да се реагира, доколку евентуално дојде до поголемо остварување на ризиците и потреба за апсорпција на ефектите.

Банкарскиот систем на нашата земја е отпорен на потенцијалните шокови, меѓу кои се и можните ефекти врз економијата од ширењето на вирусот ковид-19 на глобално ниво. Домашниот банкарски систем е здрав, солвентен и ликвиден и е во подобра состојба од периодот на почетокот на глобалната финансиска криза во 2008 година, се наведува во соопштението. 

Народната банка со голема внимателност ќе го следи развојот на настаните и потенцијалните ризици од окружувањето, како и нивните ефекти врз домашната економија, заради соодветно приспособување на политиките и соодветна и навремена реакција.

Во соопштението додаваат дека на седницата е заклучено дека ризиците за глобалната и домашната економија предизвикани од појавата на новата вирусна инфекција ковид-19 се изразени. – Првичните очекувања дека оваа појава ќе биде локализирана на територијата на Кина се покажаа како неосновани, а ризикот дека нејзиното времетраење, силината и географската распространетост ќе бидат големи се оствари во многу кус период. Од крајот на февруари до почетокот на март овој вирус се прошири во над 80 земји во светот. Мерките што се преземаат на глобално ниво за спречување на неговото ширење се однесуваат на ограничување на движењето, одложување поголем број активности, отежнување на глобалните синџири на производство, промени на цените на пазарите на финансиските инструменти и на примарните производи. Сите овие мерки имаат последици за понудата и за побарувачката во економијата, како и за довербата на потрошувачите и инвеститорите и со тоа, за вкупниот раст на економијата, наведуваат од Народната банка.

Додаваат дека големината на вкупните негативни економски ефекти тешко може да се одреди поради неизвесноста околу времетраењето и силината на вирусната инфекција.

Според Народната банка, иако тековниот шок е од неекономска природа и најверојатно нема да го загрози долгорочниот потенцијал за раст и макроекономските основи на економиите на трајна основа, неговите ефекти на краток рок врз глобалната економија најверојатно ќе бидат изразени и ќе се одразат како големо забавување или намалување на глобалната економска активност. – Европската централна банка, појаснуваат, ги објави своите мартовски проекции за еврозоната, како наш клучен трговски партнер. Овие проекции не ги опфаќаат во целост најновите ефекти од ковид-19 врз глобалната активност и трговијата и предвидуваат раст на еврозоната од 0,8 отсто во 2020 година. Сепак, нивните сценарија за ефектите од ковид-19 врз еврозоната, коишто претпоставуваат присуство на пандемијата до крајот на првата половина од оваа година, упатуваат на можна помала активност во однос на ова сценарио во интервал од 0,6 до 1,4 процентни поени. Притоа, ЕЦБ нагласува дека овие сценарија не претпоставуваат монетарна или фискална реакција, којашто, доколку се преземе, значително би ги ублажила негативните ефекти.

Во соопштението Народната банка појансува дека остварувањето на ризикот и неговите негативни ефекти врз растот на економиите доведоа и до брза реакција на поголем број централни банки со намалување на нивните каматни стапки и/или преземање дополнителни мерки за креирање ликвидност во системот и поддршка на кредитирањетоВакви мерки, наведуваат, презедоа и Федералниот систем на резерви, Европската централна банка, Банката на Англија и со ова придонесуваат за дополнително олеснување на финансиските услови и за поддршка на реалниот сектор, во услови на неочекуван негативен шок со силно влијание врз вкупната активност.

Би можело да ве интересира

Ангеловска-Бежоска: Се уште не гледаме позначителни надолни прилагодувања кај цените на храната

Ангеловска-Бежоска: Финансиската вклученост е значително зголемена изминатите години, работиме на натамошно унапредување

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити за домаќинствата во март 5,4 проценти

Средби со Светска банка: Светска банка со поддршка на реформските активности на Народната банка за пристапување кон СЕПА

Девизните резерви на крајот на февруари 4,28 милијарди евра

Се одржа јубилејната 50. сесија на Клубот на истражувачите