Одземени 200 возила на нелегални превозници од март годинава

Од:

Времено се одземени  над 200 возила на превозници кои нелегално превезувале патници во домашниот и во меѓународниот патен сообраќај  при контролите што од март досега ги спроведоа  инспекторите за транспорт во соработка со царинските служби.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска на прес-конференција информира дека при контроли на 102 субјекти во патниот сообраќај  од јуни досега се  изготвени 2.393 записници за отстапувања од законската регулатива. Притоа се издадени 62 покани за наплата на глоба и 341 платни налози за лицата кои ги прекршиле законските одредби. Надлежните инспектори поднеле и 654 барања за поведување прекршочна постапка до надлежните судови, а 385 барања се поднесени до надлежната комисија за прекршоци во Министерствотро за транспорт и врски. Заради констатирани нерегуларности  од март до денеска времено се одземени повеќе од 200 возила со кои се вршел незаконски јавен превоз.

– Целта што сакаме да ја постигнеме е да се намали нелегалниот превоз, а со самото тоа и нелојалната конкуренција во овој сектор и да се обезбедат поквалитетни услови, рече Јанакиески.

Според него, ефектите од активностите на надлежните институции за подобрување на условите во патниот сообраќај може да се видат  од зголемената продажба на автобуските билети за 40 проценти.

– Има позитивна тенденција на зголемување на продажбата  на автобуски билети за 40 проценти што значи дека се зголемува и бројот на патници кои патуваат со лиценцирани фирми и со  што на некој начин се зголемува безбедноста на патниците бидејќи ние целосно го контролираме превозот, а од друга страна  го контролираме и квалитетот на превозните средства бидејќи за да се добие лиценца  треба и возилото да исполни определени стандарди. Тоа значи дека се намалува драстично нелојалната конкуренција, а исто така се зголемува и приходот во Буџетот по основ на ДДВ, укажа министерот за транспорт.

Следна цел  на Министерството за транспорт е да воспостави листа на сомнителни или на превозници што претходно правеле прекршоци. По електронски систем  Државниот инспекторат за транспорт преку СМС или имејл ќе добива информации  дека превозникот е на граничниот премин и веднаш  од податоците на Министерството за транспорт ќе може да види дали превозникот  во меѓувреме извадил лиценца или се уште вози без лиценца.

Според директорот на  Царинската управа Ванчо Каргов, од почетокот на следната година  ќе се воспостави систем преку кој ќе може да се добиваат информации од воспоставениот  систем за автоматско читање на регистерските таблички на граничните премини директно во системите на Државниот  инспекторат за транспорт.

– Ние веќе почнавме тоа да го работиме. Сите решенија, сите сознанија што  инспекторатот за транспорт ги  има официјално се внесуваат во електронскиот систем на Царинската управа и при прво нивно читање на влез или на излез на  границата од страна на автоматските читачи веднаш алармира во т.н стоп листа дека некој  има забрана или каков било пропуст поради кој мора да биде прегледан, вратен назад или да бидат информирани автоматски преку СМС  или преку имејл надлежните инспектори за транспорт, појасни Каргов.

Ќе се овозможи, најави, и директен пристап на Државниот инспекторат за транспорт кон видео надзорот на  Царинската управа и инспекторите ќе можат директно да гледаат и да  контролираат што се случува.

Во насока на сузбивање на нелојалната конкуренција во патниот превоз Министерството за транспорт и врски предложи измени на Законот за превоз во патниот сообраќај, со кој предвиде поригорозни казни за нелегалните превозници со трајно одземање на возилата.

Би можело да ве интересира

Бочварски: До 10 јули ќе се вози по патот Подмолје-Охрид, има силна градежна офанзива

A1on

Пуштен сообраќајот за лесни возила на магистралата А3 кај Делчево

Ана Ололовска

Бочварски: Владата ќе помогне за санација на штетите од невремето во Делчево

Ана Ололовска

Се укинуваат дозволите за превоз на товар и патници меѓу Србија и Северна Македонија

Горан Наумовски

Саем за транспорт во комплексот „Борис Трајковски“

Ана Ололовска

Бочварски: Сите постапки ќе се реализираат со цел да се изградат коридорите на време

Ана Ололовска