Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска го објави новиот јавен повик „Стартап херои“ кој, како што посочи на прес-конференција директорот Коста Петров, дава можност малите стартап претпријатија кои веќе имаат развиен прототип на иновативен производ да реализираат активности со кои ќе го подготват својот производ за успешен влез во малопродажба. „Стартап херои“ се спроведува во соработка со Тинекс, како и Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка и ФД Фактор траст.
„Стартап херои“, информира Петров, е наменет за сите стартап компании кои имаат иновативен производ и ги исполнуваат претходно дефинираните услови од јавниот повик. Целосната листа на услови е достапна на официјалната веб-страница на ФИТР.
– Некои од условите за да аплицирате се да сте ново основано трговско друштво, основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на РСМ. Од моментот на основање на трговското друштво, до моментот на поднесување на апликација до Фондот, да не поминале повеќе од шест години. Годишните приходи на претрпијатието да не надминуваат 500 илјади евра во денарска противвредност, според финансиските извештаи за претходните две фискални години, односно 2019 и 2020 година. Претпријатие чии производи не се комерцијално достапни за продажба во ланците на маерките од земјата и странство, појаснува Петров.
Вкупниот буџет за предизвикот изнесува седум милиони денари, со максимален износ по апликација од 600 илјади денари. Од овие седум милиони денари, шест милиони ги обезбедува ФИТР, а милион ИМЕ. Исплатата на средствата ќе се одвива 80 проценти авансно по потпишување на договорот и 20 проценти после одобрување на извештајот за реализираниот проект. Имплементацијата на проектот може да биде со времетраење од максимум четири месеци.
– За овој предизвик стартапите може да поднесат предлог проект за финансирање на следните активности: Доработка, усовршување и додавање вредност на производот; Маркетинг активности насочени кон доведување на иновацијата до инвестициска подготвеност и зрелост за воведување на пазарот; Тестирање на пазарот, истражувања и анализи пред излез на пазар; Исполнување на условите и добивање потребна документција за пуштање на производот во промет; Сертификација, акредитација и други процеси и документација потребна за пласман на домашниот пазар; Заштита на интелектуалната сопственост, вели Петров.
Категории на производи со кои стартапите можат да аплицираат за финансирање на проект се кондиторски производи, органска и здрава храна, безалкохолни и алкохолни производи со максимум 15 проценти алкохол, основни прехранбени продукти, конзервирани производи и козметички производи.
Рокот за аплицирање на јавниот повик е до 25 следниот месец до 14 часот.
Цветанка Христовска, бренд директор на Тинекс на прес-конференцијата кажа дека ќе обезбедат промоција на производите преку нивно поставување на посебно обележани полици во дефиниран број на малопродажни места на Тинекс за период од една година. Потоа, изготвување маркетинг кампања за промоција на производите на телевизија и радио, вклучување на производите во интегрирана, печатена и дигитална маркетинг комуникација на ланецот маркети, помош при промоција на производите во маркетите. Со избраните натпреварувачи Тинекс ќе склучи договор за соработка во кој ќе ги договорат условите за набавка и продажба на наградениот производ.
Горан Дамовски, тим лидер на проектот ИМЕ посочи дека освен милион денари кои ги обезбедиле за овој предизвик, дополнително ќе обезбедат и менторска поддршка за одбраните стартапи и стручни совети за зголемување на атрактивноста и конкурентноста на нивните призводи. За првпат, како што рече, ќе се искористат високо технолошки знаења и алатки кои ќе помогнат на стартапите успешно да се позиционираат, како и маркетинг и поддршка во организирање промотивен настан за претствавување на производите пред потрошувачите и добивање на нивниот фидбек.