Нова гасна карта на светот

Од:

Долгорочниот договор меѓу Пекинг и Москва за купопродажба на гас ги менува правилата на глобалниот пазар на стратешките суровини.

Кина и Русија, најголем светски потрошувач на енергија и водечки глобален извозник на гас, постигнаа долгорочен купопродажен договор за чии финансиски детали светот за сега не знае ништо. Можните политички и економски последици од договорот за испорака на гас од Русија во Кина многу ги загрижуваат западните берзи, но и политичкиот естаблишмент на стопански паднатиот басен на северниот Атлантик.

Во неоспорната и силна стопанска експанзија, со договорот со Русија од 2018 година за следните три децении, по поволна цена за двете страни, Кина обезбеди извор од 15 отсто од денешните енергетски потреби.

Притоа, со договорот со Гаспром Кина добива еколошки далеку поприфатлив гас од јагленот кој го троши максимално и нафтата која главно ја набавува во нестабилни делови од светот, од Јужен Судан и Нигерија до Еквадор и Венецуела.

Новата енергетска прегратка меѓу Пекинг и Москва, се чини може само да потрае. Кина со милијарда и пол луѓе во 21 век има енергетски недостиг. Само оваа година Кина ќе го зголеми увозот на природен гас на околу 186 милијарди кубни метри, што е за една петтина повеќе од лани. Истовремено, Европа и понатаму е најголем енергетски купувач на гас од Русија, од каде лани тие суровини ги купила за 160 милијарди.

Рускиот енергетски исчекор кон исток, на прв поглед очигледно прагматичен потег, оваа пролет сепак делумно е изнуден. Ако Западот не ги заостреше односите со Русија по повод украинската криза и анексијата на Крим, прашање е дали Москва и Пекинг токму сега успешно ќе ги завршеа макотрпните десет годишни преговори за енергетско поврзување на двете земји, кои со децении негуваат деликатни дипломатски односи.

Вака и со оскудно соопштение за договор тежок 400 милијарди долари испорака на гас, изградбата на новите гасоводи и терминалски пристаништа за истовар на течен гас, Москва и Пекинг уште вчера предизвикаа револуција на светскиот пазар на стратешки суровини.

– Договорот меѓу Кина и Русија поставува нов стандард колку Пекинг е подготвен да го плати природниот гас кој му го нудат други производители – предупреди американската агенција за кредитен рејтинг Фич.

Амбициозните планови за продор на кинескиот пазар на многу извозници на таа суровина од Австралија, Персискиот залив, источна Африка, источен Медитеран, Латинска и Северна Америка, сега со кинеско-рускиот договор се доведени во прашање.

Бидејќи гасот доставуван од гасоводи од Русија поради географската близина на кинескиот пазар ќе биде во можност значително да ја намали цената на конкурентите. Пекинг и Москва стекнаа нов деловен, а веројатно и политички адут во идните односи, како со партнерите во енергетски кусок, така и со тие кои имаат развојни планови. Залудно претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо во средата ја предупреди Русија дека мора да ги продолжи тројните преговори со Украина и ЕУ и истовремено да ги исполни своите договорни обврски за испорака на гас во ЕУ. Токму во време на апелот на Баросо, Русија според оценката на Путин, преговараше со многу тврдите кинески партнери за нова енергетска карта на светот.

Какво е значењето на гасоводот Јужен тек за Русија и Гаспром, потоа гасоводот преку Северно море кон Европа или проектот Бургас-Александропулос, ако сега се отвара можност за изградба на терминалски пристаништа за извоз на течен гас кај Владивосток, на чекор од големите купувачи како Јапонија и Јужна Кореја?

На оваа дилема, од животно значење за енергетски слабата Европа, за сега нема јасен одговор.

Руско-кинескиот договор сепак не е се уште завршена приказна. На пример, партнерите допрва ќе мора да се договорат како да ги завршат неопходните гасни траси до 2018 година. Двете договорени страни притоа имаат јасни деловни интереси, ако успеат да се договорат за деталите околу гасоводите Алтај и Силата на Сибир, Русија ќе има можност да ја снабдува Кина со 68 милијарди кубни метри гас годишно.

Ако се случи тоа, Европа веќе во блиска иднина може да стане енергетски зависна од Катар, Иран, Алжир, Либија, Австралија…

Би можело да ве интересира

Путин: Украина се уште добива пари од Русија за транзит на руски гас во Европа

Владата преговара со Американци кои треба да инсталираат гасни постројки во РЕК Битола

Орце Костов

Русите ќе градат голем објект на истокот на БиХ, во Република Српска

Унгарија потпиша нов енергетски договор со Русија

Молдавија повеќе не добива руски гас

ЕСМ за март ќе набави гас од Макпетрол по цена од 60,10 евра