Според државната статистика е 7,6 е инфлацијата во Македонија, а потрошувачката кошничка е над 36.000 денари. Но, според, премиерот Димитар Ковачевски, имало и полоши времиња. Според него, цените во Македонија на енергенсите се најниски во Европа. За мерки кои ќе го намалат ценовниот шок – не знае. Денеска ќе се сретне со економисти и претставници на стопански комори, за да чуе и нивно мислење.
„Ние имавме синдикална кошничка која беше 36.000 денари, а минималната плата беше 9.000 денари. Тогаш требаа над 4 плати за да се покрие синдикалната кошничка. Со зголемување на минималната плата на 19.000 денари, со две минимални плати се покрива синдикалната кошничка“, посочи тој.
Според него, полоша криза немало од по Втората светска војна.
„Точно е дека се зголемени храната и енергенсите, но ова е најголема криза по Втората светска војна, поради војната која Русија ја води со Украина направи дисбаланс на сите суровини кои се тргуваат во Европа. Цените на енергенсите во споредба во Европа, регионот и Македонија, се најниски, затоа што ја субвенционираме електричната енергија на домаќинствата. Кај нафтените деривати имаме најевтина цена. Тоа се должи што минатата година направивме промена на цените кај нафтените акцизи. Сега имаме скалесто намалување на акцизите, со зголемување на цените на нафтените деривати“, објасни Ковачевски.
Тој вели, се креираат мерки за да нема ценовни шокови.
„Се прават нови анализи за заштита на граѓаните од ценовни шокови. Ги повикав претставниците на сите стопански комори во државата, како и економисти, да ги чујам искуствата, мислењата и да ги финализираме мерките“, додаде тој.