Меркел: Германија е одлучна за Северен тек 2 и покрај американскиот притисок

Од:

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека германската влада е решена да ја заврши изградбата на гасоводот Северен тек 2 и покрај обидите на САД да го запрат проектот, пренесува деловниот весник „Ханделсблат“.

За време на посетата на својата изборна единица, Меркел ја истакна својата решеност да го заврши гасоводот, осврнувајќи се на санкциите што ги воведе Вашингтон кон учесниците во гасоводот, од кој се очекува да испорача 55 милијарди кубни метри природен гас од Русија до Германија и поширокиот европски пазар.

– Ние не ги сметаме за законски екстериторијалните санкции, односно оние што ја преминуваат територијата на САД, рече Меркел во Стралзунд.

Северен тек 2 е важен за германската држава Мекленбург-Западна Померанија, каде што се наоѓа изборната единица на канцеларката. На пример, цевките потребни за изградба на проектот се испорачуваат од малото пристаниште Засниц, а по завршувањето на изградбата, рускиот гас се очекува да пристигне во крајбрежниот град Лубмин, пренесува Хина.

САД тврдат дека Северен тек 2 ќе ја зголеми енергетската зависност на Европската унија од Русија, давајќи и на Москва моќна политичка предност на европскиот континент и алатка за потенцијални прекини на електричната енергија.

Критичарите ги обвинуваат САД дека се обидуваат да го принудат сојузникот – Германија да купува природен гас од САД по повисока цена отколку од Русија.

Минатата година САД започнаа да воведуваат санкции за проектот Северен тек 2. Минатиот месец, тројца американски републикански сенатори му напишаа писмо на операторот на пристаништето во Засниц, предупредувајќи дека може да се соочи со „разорни“ санкции поради обезбедување стоки, услуги и поддршка за градење на гасоводот. Овие таканаречени „секундарни санкции“ може да значат економска пропаст за пристаништето.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера изјави дека Русија го споделува ставот на европските партнери за чисто комерцијалната природа на проектот за гасоводот Северен тек 2 и дополни дека се противи на обидите проектот да се користи во политички игри.

Според него, под изговор за обезбедување на европска енергетска сигурност, САД сакаат да го наметнат својот поскап течен гас на Европа, наместо рускиот.

Лавров посочи и на, според него, нелегитимните обиди да се попречи спроведувањето на проектот Северен тек 2 со воведување еднострани санкции.

– Само санкциите наметнати од Советот за безбедност на ОН се легитимни, нагласи тој, „и сè друго е обид да се поткопа меѓународното право и принципите на Повелбата на ООН, која повикува на соработка во решавањето на какви било проблеми“.

Би можело да ве интересира

Четворица тинејџери под истрага за нападот на германскиот пратеник Матијас Еке

Германија стравува дека утре ќе избијат немири, илјадници полицајци пристигнуваат во Берлин

Меѓународниот суд на правдата нема да и наложи на Германија да го запре извозот на оружје за Израел

Горан Наумовски

Русин со нож усмрти двајца Украинци во Германија

Првиот германски разузнавач: И Русите се подготвени за саботажа

Горан Наумовски

Тројца тинејџери уапсени во Германија под сомнение дека планирале напад