Македонија пристапи кон највисокиот стандард за дисеминација на податоци на ММФ

Од:

Македонија е 18-та земја во светот и втора во Југоисточна Европа, но прва од земјите кои не се членки на Европската унија што пристапи кон нависокиот стандард за дисеминација на статистички податоци на Меѓународниот монетарен фонд – СДДС Плус.

Пристапувањето на стандардот е резултат на заедничката работа на Државниот завод за статистика (ДЗС), Народната банка на Република Македонија (НБРМ) и Министерството за финансии (МФ). Процесот на пристапувањето на земјава кон СДДС Плус стандардот почна во 2013 година кога го извести ММФ дека посветено работи на постигнувањето на деветте нови или соодветно прилагодени категории на податоци за членство, од кои седум требаше да ги реализира НБРМ, а два МФ. Со самото пристапување пет од задолжителните индикатори се веќе исполнети, а останатите четири треба да се постигнат во рок од пет години од денот на пристапувањето.

Министерот за финансии Драган Тевдовски пристапувањето кон СДДС Плус стандардот го оцени како одлична вест од големо значење за земјава, бидејќи меѓународно добро ќе се позиционира и влегува во групата на земји со највисок стандард за известување што, пак, посочи, ќе придонесе за поголема доверба и подобро позиционирање кај меѓународните финансиски институции, кредитните рејтинг агенции и кај инвеститорите.

-За меѓународните инвеститори и институции особено важни се статистичките стандарди. Ако тие веруваат во податоците тогаш влегуваат во државата. Со пристапување кон СДДС Плус го јакнеме кредибилитетот на државата во меѓународни рамки… Стратешки цели на државата се евроатлантските интеграции, порастот за животниот стандард и подобар и поквалитетен живот за граѓаните, а точните и целосни статистички податоци даваат приказ каде сме и основа за правилни и навремени одлуки за постигнување на овие цели, рече Тевдовски на денешната прес-конференција во ДЗС.

Тој посочи дека МФ се залага за продуцирање на квалитетни податоци, поголема транспарентност и поголема достапност на податоците за граѓаните.

Гувернерката на НБРМ Анита Ангеловска-Бежоска посочи дека од 28 јануари годинава Република Македонија е членка на највисокиот статистички стандард на ММФ за дисеминанција на податоци.

-Со исполнувањето на неопходните пет од вкупно деветте показатели официјално ја покренавме иницијативата за приклучување на овој највисок стандард за објавување на податоци. На глобален план веќе одамна е апсолвирано дека квалитетната дисеминација на податоци е клучна за ползување на придобивките на статистиката. Затоа со сигурност можам да кажам дека 28 јануари 2019 година е датум од историско значење за македонскиот статистички систем, но и за македонската економија, бидејќи таа сега има можност да биде една од 18-те економии во светот кои имаат сет на статистички показатели според највисокиот меѓународен стандард за дисеминанција на податоци, потенцира Ангеловска-Бежоска.

Најави дека и во наредниот период ќе се работи со иста посветеност за да се испорачаат и останатите четири индикатори.

За директорот на ДЗС Апостол Симовски, пристапувањето кон СДДС Плус стандардот претставува уште еден успех во насока на подобрување и усогласување на статистичките податоци кон меѓународните стандарди.

-Целта на овој највисок стандард на ММФ е да им помогне на статистички напредните земји во однос на продукцијата на сеопфатни, навремени и веродостојни економски и финансиски податоци во рмките на постојните економски и финансикси интеграции. Исполнувањето на високите критериуми а ММФ е уште еден успех на Република Македонија и на националниот статистички систем во насока на подобрување и усогласување на статистичките податоци со меѓународните стандарди, рече Симовски.

Тој посочи дека пристапувањето кон СДДС Плус стандардот е доброволно и со актот на пристапување секоја земја членка презема обврски да го почитува стандардот и да му обебеди одредени информации на ММФ за нејзините практики за публикување на економските и финансиските податоци.

За пристапувањето, додаде, беше нопходна изработка на целосно нова база на податоци која ги содржи податоците на ДЗС, НБРМ и МФ, обука за користење на дел од апликациите наменети за техничка подоготовка на податоците на сите учесници во процесот, како и подготовка и тековно одржување на националната интернет-страница за податоците.

Националната страница во која податоците се претставени во СДМХ форматот кој овозможува нивна компјутеризирана обработка веќе е поставена на веб-страницата на ДЗС и до неа се пристапува и од веб-странците на НБРМ и МФ. Националните мета податоци се поставени и на веб-страницата на билтенот за специјални стандарди за дисеминација на ММФ.

Би можело да ве интересира

Ангеловска-Бежоска: Се уште не гледаме позначителни надолни прилагодувања кај цените на храната

Ангеловска-Бежоска: Финансиската вклученост е значително зголемена изминатите години, работиме на натамошно унапредување

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити за домаќинствата во март 5,4 проценти

Средби со Светска банка: Светска банка со поддршка на реформските активности на Народната банка за пристапување кон СЕПА

Девизните резерви на крајот на февруари 4,28 милијарди евра

Се одржа јубилејната 50. сесија на Клубот на истражувачите