Ковачевски на Денот на даночници: Со ефикасен даночен систем и позитивни политики ја обезбедуваме финансиската стабилност на државата

Од:

Премиерот Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод одбележување на Денот на даночните службеници Свети Матеј.

Сакам посебно да ја поздравам директорката на УЈП госпоѓица Сања Лукаревска. Да се води управа која што е на целата територија, која работи со над 600 цифрена бројка на деловни клиенти, над еден милион граѓани со свои даночни броеви треба навистина да бидете вешт, успешен, посветен, пред се стручен..И сакам да и честита за сите успеси кои што ги направи, за сите напори кои шти ги вложи за да во ова време на криза обезбедиме приходи со кои ги финансираме сите потреби на граѓаните. Сања ти благодарам од името на Владата.

По повод одбележувањето на Денот на даночниците работници во Управата за јавни приходи, упатувам честитки за вашето посебно место и улога во обезбедувањето на финансиската стабилност на државата.

Заедно денес, одбележуваме 76-години од воспоставувањето на даночниот систем на нашата држава.

Од тогаш до денес, даночниот систем бележи многу достигнувања и успеси, што се должи на посветеноста на нашите даночните службеници, чуварите на државната каса.

Сите добро ја знаеме улогата и значењето на оваа институција и секако, вашата улога, почитувани даночници, вашата посветеност во собирање на приходите, а истовремено и соработка и партнерски однос кон бизнис секторот и граѓаните.

Ви честитам за вашата посветеност во работењето и високиот квалитет на услугите за даночните обврзници со цел навремено и точно исполнување на обврските и праведно и ефикасно собирање на даноците и на јавните давачки. Тоа е клучно за функционирањето на една држава и значи средства за изградба на темелите на општеството како инфраструктура, образование, здравство, заштита на животната средина, одржување на јавниот ред и мир и се останато од интерес на граѓаните.

Управата за јавни приходи има многу значајна улога за државата како целина и во таа насока ги охрабруваме чекорите и новитети кои се воведуваат, како дигитализација на услугите и модернизација на процесите.

Заедно со нас, спроведувате ефикасен, транспарентен и праведен даночен систем и даночна политика преку наплатување даноци, градејќи партнерски однос со даночните обврзници.

Сите ние знаеме колку фискалната дисциплина е важна за државата и за нејзиниот развој.

Поголеми приходи од даноци значи и поголема одговорност кон државата и поголема свест дека со тоа ќе се обезбедат подобри јавни услуги, поквалитетно здравство и образование, како и редовни плати и пензии. Повеќе даноци значат и повеќе средства во буџетската каса за уште повеќе градинки, училишта, болници, патишта, нови инвестиции и нови работни места. Затоа, за поздравување е секој ваш чекор кон подобрување на процесите и нивна дигитализација во насока на олеснување на процедурите за граѓаните и за компаниите со цел редовно и навремено да ги подмируваат обврските кон државата.

Показател за успешната работа на УЈП како една од најзначајните институции се и последните бројки за наплата на даноците. Во периодот од јануари заклучно со ноември 2023 година, остварен е вкупен даночен приход од над 1,6 милијарди евра (102,012,434,380 денари) што е зголемување за 7,62% од остварениот даночен приход за истиот период во 2022 година. Пораст на наплатата е регистрирана и во ноември годинава, кога истата изнесувала над 163 милиони евра (10,051,885,182 денари) што е реализација од 111% од планираниот вкупен приход за ноември, односно за 42% поголема наплата од ноември 2022 година. Овие бројки ги кажувам од причина што даночниците се скромни луѓе тие се практично невидливи за разлика од другите кои често ги гледаме на пресс-конференции, кои што работат на расходната страна на буџетот.

Владата креира позитивни политики и затоа успеавме да постигнеме ефикасност, големите даночни обврзници од почетокот на годинава заклучно со ноември да учествуваат со 43,5 проценти во вкупно наплатените даноци во државата.

Како одговорна Влада, која промовира политики во насока на градење на социјална држава, обезбедивме сет мерки со цел да го заштитиме животниот стандард на граѓаните, но и да влијаеме за намалување на сивата економија и спречување на даночното затајување.

По воведувањето на мерката „Мој ДДВ“ во 2019 година, од почетокот на годинава го зголемивме лимитот за граѓаните за поврат на ДДВ од скенирање на фискални сметки од 1.800 на 2.100 денари по тромесечие.

Бројот на граѓани кои ја користат апликацијата Мој ДДВ е над половина милион и постојано расте. Од почетокот на мерката до денеска, кај граѓаните се вратени близу 8,1 милијарда денари односно речиси 132 милиони евра.

Не дозволивме инфлациските текови да се одразат врз џебот на граѓаните. Со одговорни политики го спречивме растот на цените.

Основните прехранбени производи, кои се дел од секојдневната употреба на граѓаните и понатаму се оданочуваат по најниска даночна стапка на ДДВ, односно нема промена и таа останува на 5%. Предвидовме најнизок данок за најширока листа на основни продукти во регионов и во земјите од ЕУ.

Поттикнуваме солидарност и општествена одговорност, ги штитиме најранливите.

Продолжуваме со деветиот пакет антикризни мерки, каде со средствата од солидарниот данок обезбедуваме повисоки плати, пензии, субвенции за оние на кои им е најпотребна помош. Досега, само по основ на солидарен данок во државната каса се слеале близу 42 милиони евра.

Продолжуваме со таргетирана конкретна поддршка за ранливите категории граѓани, за учениците, студентите, за пензионерите, граѓаните- корисници на социјална помош, граѓаните со посебни потреби, самохраните родители, домаќинствата со ниски приходи, земјоделците, како и поддршка на компаниите.

Економскиот раст на една држава зависи од способноста на нејзините институции да се справат со предизвиците.

Способноста на УЈП да се справи со предизвиците во целиот изминат период беше и е на највисоко ниво.

Ние, и тие, заедно покажавме дека само со координиран пристап меѓу сите институции и со заедничка заложба можеме да имаме резултати.

Имаме високи очекувања од институциите дека сите заедно ќе вложиме напор за да обезбедиме фискална одржливост и долгорочен развој на нашата земја. А тоа ќе го постигнеме преку модернизација и дигитализација, преку воведување на европски и светски стандарди и преку професионализација на кадрите во нашите институции.

Запознаен сум со каква енергија и професионалност работат даночниците и верувам дека Управата за јавни приходи е институција која постојано се унапредува и постојано напорно работи за понатамошно усовршување, рече Ковачевски.

Би можело да ве интересира

До крајот на годината ќе има усогласување на даночната политика, најави Мицкоски

УЈП: 1.198 даночни обврзници да го платат веднаш ДДВ долгот за октомври

А1он

(ВИДЕО) Лукаревска до Мицкоски: Го уништивте Скопје, каде ви се автобусите што ги ветувавте?

Поради зголемен прилив на ДДВ-04 пријави, системот Е-даноци работи забавено

УЈП очекува детали од Министерството за финансии за најавеното намалување на даноци

Констатирани неправилности кај шест даночни обврзници во општина Виница