На Универзитет Св. „Кирил и Методиј“ денеска за првпат се одржа „Саем на кариера 2018“, што беше организиран од страна на Агенцијата за млади и спорт и претставуваше можност за младите лица да добијат информации за потенцијални вработувања и реализирање на пракса.
Директорот на АМС, Дарко Каевски, наведе дека со Саемот младите лица добиле можност да се информираат и да стапат во директен контакт со компаниите, со цел да бидат селектирани за обука, пракса или пак вработување.
– Им се заблагодарувам на сите големи компании кои присуствуваат на овој настан и дадоа нивен придонес во целата организација, посочи Каевски, прецизирајќи дека на настанот учествувале околу 40 компании.
Тој наведе дека АМС има интенција од година во година да се зголемува бројот на компании што ќе учествуваат на настанот, како и на млади лица кои ќе го посетуваат.
– Како Агенција за млади и спорт, директно сме фокусирани кон изнаоѓање на активни и директни младински политики што ќе го подобрат младинскиот стандард во Македонија. Свесни сме дека голем процент од младите лица во Македонија се невработени. Исто така, голем е и бројот на млади лица кои се иселуваат од земјата. Поради тоа ние како Агенција целиме со вакви и слични активности да го покренеме младинскиот стандард, изјави Каевски.
Тој упати благодарност до Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и Фондот за иновации кои директно учествуваа на настанот и ги презентираа и нивните активни младински политики за што е можно поголемо младинско вработување.
– Освен Саемот на кариера, денеска ќе се одржи и презентација за тоа како младите да започнат сопствен бизнис, а за околу триесетина денови АСМ ќе изложи и комплетен извештај за придобивките од денешниот Саем на кариера, истакна Каевски.
Директорот на АСМ констатираше дека можеби оваа година исходот нема да биде на посакуваното ниво кон кое се стреми Агенцијата, но како што нагласи Каевски, се надева дека со проширување на настанот ќе се зголемуваат и резултатите.
Од АСМ информираа дека тоа што настанот се одвива пред крајот на студиската година, им овозможува на студентите полесно да стапат во контакт со компании во кои можат да ја исполнат задолжителната пракса во летниот период, а од друга страна, претставува можност за компаниите да дојдат до база на податоци од студенти кои се заинтересирани за работа и пракса, со можност за потенцијални нови вработувања.