Јанакиески: Владата го решава проблемот на семејствата кои не можеа да добијат сопственост на градежното земјиште

Од:

Околу 10.000 семејства кои купиле градежно земјиште од поранешни сопственици со договори за купопродажба кои не биле заверени во суд во 60-тите и 70-сетите години од минатиот век наскоро ќе можат да се стекнат со сопственост.

Тоа го овозможуваат последните измени и дополнувања на Законот за градежно земјиште што го предложи Владата на Република Македонија со кои се врши измена на постапката за пренос на правото на сопственост на градежно земјиште од поранешни сопственици.

За стекнување со сопственост неопходно е да се донесе изјава заверена на нотар во која лицето кое го користи градежното земјиште, односно неговите законски наследници под морална, материјална и кривична одговорност ќе изјават дека земјиштето го користат повеќе од 20 години врз основа на договор за купопродажба склучен со поранешен сопственик. Исто така, се предвидува барателот да достави и известување од органот на државната управа надлежен за имотно-правните работи на подрачјето каде се наоѓа градежното земјиште, како и доказ дали за градежното земјиште има поведено постапка за приватизација и дали доколку е поведена е завршена. По барањето, надлежниот орган ќе спроведе постапка и ќе донесе решение против кое може да се поведе управен спор.

– Измената е направена заради големиот број случаи кои со постојните законски решенија не можат да го завршат процесот за стекнување на сопственост на земјиштето на кое живеат и повеќе од 20 години. Таканаречените меѓусебни договори кои не се заверени, голем број на граѓани ги поседуваат како единствен доказ дека во минатото го купиле земјиштето на кое сега имаат објекти и каде што живеат. Сметам дека на овој начин ќе им се излезе во пресрет на огромен број граѓани кои со децении трчаат од институција до институција, од орган до орган, трудејќи се да изнајдат начин да стекнат сопственост на земјиштето на кое живеат целиот живот, но не можеа затоа што старите договори за откуп на земјиштето не биле заверени и немале правна важност, рече министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната прес-конференција.

Со измените и дополнувањата кои се предложени до Собранието на Република Македонија, додаде, се врши дорегулирање на дополнителните услови за учество на јавното надавање, прецизирање на прашањето кога се смета за завршено јавното надавање, како и утврдување на рок за вршење на солемнизација на договорите за оттуѓување и давање под закуп на градежно земјиште сопственост на Република Македонија.

– Се дополнуваат посебните и дополнителни услови за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија по пат на јавно наддавање, кои можат да бидат предвидени во објава за отуѓување на градежното земјиште. Со ова се овозможува правни лица кои се регистрирани во Република Македонија, а основани од странски правни лица да можат да ги исполнуваат посебните дополнителни услови кои можат да бидат предвидени со објавата за да учествуваат на јавните наддавања, појасни Јанакиески.

Во законот, нагласи, се додава нов член со кој се создава обврска за странското правно лице да мора да биде доминантен сопственик во правното лице регистрирано во Република Македонија од моментот на пријавување за учество на јавно наддавање, па се до моментот на исполнување на обврските од договорот за отуѓување, односно давање под долготраен закуп на градежно земјиште по пат на јавно наддавање.

Со измените и дополнувањата се овозможува на сопствениците на објекти или посебни делови од објекти за кои е донесено решение согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти врз основа на кое се запишани во јавната книга на недвижности да можат да извршат оформување на парцела, но само доколку процентот на изграденост на градежната парцела на која е изграден објектот изнесува најмалку 70 отсто. Доколку не е исполнет овој услов барањето за отуѓување на градежното земјиште ќе се одбива како неосновано.

Се врши и допрецизирање на рокот за солемнизација на договорите, односно се предлага да се изврши во рок од 30 дена по добивање на мислење од државниот правобранител. Доколку во тој рок не се заверат на нотар се сметаат како ништавни.

Би можело да ве интересира

Бочварски: До 10 јули ќе се вози по патот Подмолје-Охрид, има силна градежна офанзива

Орце Костов

Пуштен сообраќајот за лесни возила на магистралата А3 кај Делчево

Ана Ололовска

Бочварски: Владата ќе помогне за санација на штетите од невремето во Делчево

Ана Ололовска

Се укинуваат дозволите за превоз на товар и патници меѓу Србија и Северна Македонија

Горан Наумовски

Саем за транспорт во комплексот „Борис Трајковски“

Ана Ололовска

Бочварски: Сите постапки ќе се реализираат со цел да се изградат коридорите на време

Ана Ололовска