Индија не престана да увезува нафта од Русија, а одлуките за набавка се базираат на пазарната цена и други економски фактори, изјави извор од индиската влада за руски ТАСС.
„Немаме информации дека индиските нафтени компании престанале да увезуваат руска нафта“, рече истиот извор.
Според него, „индиските рафинериски капацитети сè уште купуваат нафта од руски добавувачи, а одлуките зависат од цената, видот на нафтата, залихите и логистиката“.
Изворот истакна дека купувањата на енергија од Индија се базираат на националните интереси и пазарните услови, и дека купувањето руска нафта е целосно во согласност со меѓународните норми.
„Индија купува руска нафта целосно легално, почитувајќи ги меѓународните норми“, рече изворот, додавајќи дека руската нафта никогаш не била предмет на санкции од САД или ЕУ.
Тој нагласи дека увозот на руска нафта имал позитивно влијание врз глобалната енергетска стабилност, бидејќи без него цената на нафтата може да се зголеми, што дополнително би ја влошило инфлацијата.
„Индија прагматично ја обезбеди стабилноста на пазарот, почитувајќи ги меѓународните рамки“, рече изворот, потсетувајќи дека Индија е трет најголем потрошувач на нафта во светот и е зависна од увозот на сурова нафта.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, синоќа изјави „дека слушнал оти Индија повеќе нема да купува нафта од Русија“, објави Ројтерс.
Како што објави ТАСС, Трамп рече дека Индија ќе престане да купува нафта од Русија за да постигне трговски договор со САД.
„Колку што разбирам, Индија повеќе нема да купува нафта од Русија. Тоа е она што го слушнав. Не знам дали е тоа вистина или не“, им рече тој на новинарите во Белата куќа, коментирајќи ги трговските преговори меѓу Вашингтон и Њу Делхи.
Трамп претходно воведе царина од 25 проценти за индиските стоки и се закани со „казна“ за купување руска нафта.