Идните приоритети и реформи кои треба да ги спроведе Република Македонија во насока на евроинтегративните процеси и подобрување на координацијата, за поголемо ползување и искористеност на европските (ИПА) фондови во земјава беа теми на денешната средба на економскиот тим на Министерството за финансии со делегација на Европска комисија предводена од амбасадорот на Европската Унија во Македонија Самјуел Жбогар.
Од Министерството за финансии информираат дека од страна на претставниците на ЕК е изразена поддршка за реформските приоритети на Владата во насока на интеграција на земјава во ЕУ.
– Посебен осврт беше даден на донесување Стратегија за управување со јавни финансии, за што ЕК ги поздрави заложбите на Министерството за финансии за што побрзо донесување на овој значаен документ, каде приоритет ќе бидат фискалната консолидација и транспарентност во објавувањето на буџетските податоци. Воедно, ЕК продолжува со поддршката во насока на отпочнување нов циклус за подготовка на Програмата за економски реформи, која е еден од носечките документи во претпристапниот процес на Република Македонија, стои во соопштението.
На средбата и двете страни ја потврдиле јасната заложба на Македонија за членство во Европската Унија.