Шест милиони евра за осовременување на опремата во малите компании, Фондот за иновации објави два нови повика

Од:

Од денес микро, малите и средните претпријатија може да аплицираат за грант за технолошки развој од Фондот за иновации. Фондот за овој инструмент има буџет од 6 милиони евра, од кои три милиони евра ќе бидат доделени по скратена постапка на компании што веќе аплицирале за грант, ги поминале проверките, но Комитетот не им одобрил пари, а преостанатите три милиони евра се наменети за компании што првпат аплицираат во Фондот. За нив е отворен повик во редовна постапка.

Аплицирањето за повикот по скратена постапка за компании што веќе имаат апликации во Фондот е до 27 декември, а повикот во редовна постапка ќе биде отворен за компаниите до 5 февруари.

„Клучната новина што ја воведуваме со овој јавен повик денеска е скратената процедура за аплицирање, односно им го олеснуваме пристапот на компаниите до средства за реализација на инвестициски проекти. Скратената процедура важи за сите оние компании апликанти што минатата година учествувале на јавните повици на Фондот за иновации и технолошки развој под кој било инструмент и притоа ги поминале две од три фази на оценување. Тоа е фазата на административна проверка, што ја реализираат службите на Фондот, и фазата на претселекција, во чија реализација се вклучени над 200 домашни, меѓутоа надворешни стручни лица. Сите оние компании што успеале да ги поминат овие две фази и стасале во фазата на оценување пред Комитетот за одобрување инвестиции и притоа не добиле одлука за одобрување финансиски средства, сега имаат можност да аплицираат повторно со тоа што аплицирањето оди по скратена постапка“, објасни Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Јавниот повик е отворен за сите микро, мали и средни претпријатија кои се регистрирани во Република Северна Македонија, вклучително и приватните здравствени установи. Ќе бидат поддржани активности, како прифаќање и спроведување европски технички прописи за безбедност на производи, подготовки за стекнување сертификати за квалитет, активности за анализа, подготовки и стекнување и заштита на правата од индустриска и интелектуална сопственост, изработка на елаборати за животна средина, воведување информациски системи, техничка поддршка од надворешни експерти, подготовка на развојни проекти, подобрување на организациската структура, специјализирани обуки, програми за развој и слично.

„Она што е клучно за овој инструмент е тоа што поттикнуваме, т.е. ги поддржуваме компаниите да воведуваат современи практики и технологии во своето работење. Не бараме иновативни практики, не бараме развој на нови производи и услуги, едноставно поддржуваме секоја од компаниите да воведат технологии во работењето, со што ќе станат поконкурентни. Кога зборуваме за технологии, зборуваме за нови технологии. Од она што го имаме како искуство досега, во принцип компаниите подготвуваат и реализираат проекти што подразбираат набавка на нова посовремена опрема“, вели директорот Деспотовски.

Одлуките за финансирање по повикот во скратена постапка од Фондот очекуваат да бидат донесени пред распуштањето на Собранието поради изборите, а за компаниите во редовна постапка Комитетот за одобрување инвестиции во Фондот за иновации одлуките ќе ги донесе кога ќе завршат изборите. Деспотовски објасни дека иако законот не ги обврзувал, со интерна одлука тие решеле одлуките да бидат донесени по изборите за да нема сомнежи за влијанија.

Во делот на кофинансирањето, Фондот учествува со не повеќе од 30 отсто од вкупниот буџет на трошоците и со не повеќе од 10 милиони денари. За микрокомпаниите горниот лимит е пет милиони денари, а за малите и средните компании, соодветно на тоа и приватни здравствени установи, средствата се до 10 милиони денари од проектот, меѓутоа не повеќе од 30 отсто од трошоците.

По потпишувањето на договорите, директорот Деспотовски очекува грантовите од Фондот да поттикнат инвестициски циклус во приватниот сектор од најмалку 20 милиони евра.
Двата повика со условите за аплицирање и критериумите за оценување ќе бидат објавени на веб-страницата на Фондот за иновации.

Би можело да ве интересира

Јанушев: Обвинителството да отвори истрага за грантовите од ФИТР на Дрин Ахмети, од шест милиони по огласот, тој добил пет

ФИТР со реакција: Внукот на Ахмети барал повеќе пари за иновации ама му одобриле само 82.000 евра

А1он

Фондот за иновации потрошил еден милион евра за хонорарци и експерти кои не поминале интервју, открија ревизорите

Орце Костов

МАСИТ: Цоневски со волонтерски ангажман во Комисијата, не подлежи на поднесување анкетен лист

Катерина Ѓуровски

Саша Максимовски ги демантира тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

ФИТР: Почнува проектот за дигитализација на повеќе од пет милиони оргинални записи на Институтот „Крсте Мисирков“

Ана Ололовска